„Луѓето, а не градот“ – нова книга од Снежана Младеновска-Анѓелков


 

Издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ ја објави книгата „Луѓето, а не градот“ од Снежана Младеновска-Анѓелков, која во 2012 ја доби наградата „Роман на годината“ за нејзината дебитантска книга „Единаесет жени“.

Според рецензијата, новата прозна книга на авторката е слоевито, хибридно дело, одлично обмислена комбинација од реални животни приказни обликувани низ книжевно-раскажувачка визура, кои се движат низ хронотопот град Скопје во текот на неколку децении.

-Со тоа, на читателите им се дава фунционален објектив низ кој ги следат трансформациите на урбаниот простор, како и на начинот на живот, менталитетот, навиките, гледиштата на скопските жители од различни маала на градот, се наведува за книгата.

Снежана Младеновска Анѓелков (1977, Скопје) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ-монтажа во 2000 година и е магистер по уметности – област филмска и ТВ-монтажа.

Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, и потоа имаше уште две изданија. Во финалето за оваа награда беше и вториот нејзин роман – „Молчи со отворена уста“ (2019).

Таа е авторка и на филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ (2014) посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски.