„Луфтханза“ откажува дел од летовите од Франкфурт до Белград, Загреб, Љубљана и Сараево
„Луфтханза“ планира да ги откаже летовите од Франкфурт до градовите низ поранешна Југославија бидејќи континуираниот недостиг на персонал продолжува да ја мачи авиокомпанијата и целата индустрија.
Како што пишува „Аеророутс“, откажувањата ќе влијаат на услугите поврзани со летовите од Франкфурт до Белград, Загреб, Љубљана и Сараево, но операциите од Минхен засега ќе останат непроменети.
Севкупно, авиопревозникот следниот месец ќе откаже 8 отсто од своите летови во рамките на својата меѓуевропска мрежа, пишува ExYuAviation.
Во септември беа откажани вкупно осум летови меѓу Франкфурт и Белград, па наместо првично планираните 60, ќе бидат реализирани 52 лета.
Од Загреб, „Луфтханза“ исто така откажува осум летови во текот на септември, односно вкупно 44 лета наместо првично планираните 52.
Во Љубљана, која го избегна најголемиот дел од летните откажувања на летови, откажани се четири лета, со вкупно 56 редовни летови меѓу Франкфурт и главниот град на Словенија, наспроти шеесет.
Најмалку ќе биде погодено Сараево, со оглед на тоа што за септември е откажан само еден лет од вкупно 29 планирани за тој месец.
„Луфтханза“ е погодена од откажувања на летови ова лето поради недостиг на персонал. Проблемот дополнително се влоши минатиот месец кога нивните вработени на терен штрајкуваа, незадоволни од платите и другите услови за работа.