Лозарите се незадоволни од годинешниот откуп на грозјето
Најголемиот проблем оваа година не е само откупната цена, од која лозарите не се задоволни. Многу поголем проблем е што лозарите немаат договори за продажба на грозјето од сортите вранец и кратошија
БИТОЛА = Во моментот се откупуваат раните сорти грозје. Шардоне се откупува по цена од 29,5 денари, ризлингот по 29,5 денари, а темјаниката по 35,5 денари за килограм. Се очекува бербата на овие сорти да заврши до овој понеделник.
Меѓутоа, најголемиот проблем оваа година не е само откупната цена, од која лозарите не се задоволни. Многу поголем проблем е што лозарите немаат договори за продажба на грозјето од сортите вранец и кратошија, велат лозари.
„Катастрофа е состојбата со трпезното грозје. За црното винско е најголемиот проблем, ни една винарија не прави договори за вранецот. Луѓето бараат садови за да го мелат грозјето за ракија. Хаос е состојбата. Бидејќи ни една винарска визба не сака да прави договори кај народот владее страв, несигурност и разочарување. Има по огласите, нагло се продават лозја, трактори и механизација заради напуштање на овој бизнис и пакување на куферите за работа по белиот свет“, вели Коле Камчев лозар од Тиквешијата.
Ако минатата година околу 30% од вранецот остана необран по лозовите насади, оваа година постои реална опасност повеќе од половината од оваа сорта да остане по нивите, доколку навреме не се најде решение за откупот и пласманот, вели Ѓорги Каракашев од Националната земјоделска мрежа.
„Проблеми имаат и лозарите кои произведуваат трпезни сорти грозје. И тие не се задоволни од досегашниот тек на бербата. Лош старт имаше и со сортите кардинал и викторија, чија цена во моментот се движи меѓу 25 и 30 денари за килограм“, вели Каракашев за „Независен“.
Според Каракашев дополнителен проблем за лозарите е и пријавувањето и условите за субвенциите.
„Лозарите се известуваат дека, доколку не предадат 30% од производството во домашни винарии, може да останат без субвенции. Но, како да го исполнат тој услов кога голем дел од лозарите немаат склучено никакви договори со винариите? Од друга страна, винариите не склучуваат договори со лозарите и според информациите од производителите, се остава простор за тактизирање со државата, додека лозарите остануваат во неизвесност“, критикува Каракашев.
Коле Камчев обработува безмалку 5 хектари грозје, грото трпезно во околината на Кавадарци, вели дека во новите услови за субвенции од Министерството за земјоделство се бара лозарите да дадат околу 400 килограми грозје по декар во откупен пункт па коментира:
„Трговската мафија го злоупотреби условот за субвенции и ги намали цените на трпезното грозје, додека во Србија и Бугарија винското го продаваат поскапо од нашето трпезно грозје. Плус законот има пропусти, како ќе дадат на откуп оние што страдаа од мразеви, град и болести низ лозјата?“, прашува Камчев.
Лозарот Зоки Пешков од Ресава, кавадаречко коментира дека уништувањето на земјоделството не е од сега.
„Прво ги уништија фабриките за преработка на земјоделски производи и поголемите винарии освен една во која се наоѓа и оревот и чеканот. Сега владата сака уште тоа што остана малку земјоделие да го докрајчи со разни услови за добивање на субвенции.“, вели тој.
Независната земјоделска мрежа го отвора прашањето кој ќе го реши порблемот на лозарите со годинешниот откуп.
Според Каракашев во моментов нема конкретна информација од Министерството за земјоделство дека ќе излезе на терен, ќе разговара со лозарите и винариите и ќе понуди решение за проблемот со откупот, договорите и условите за субвенционирање.
„Лозарите не бараат привилегии. Бараат сигурен пласман, фер цена и јасни правила. Не може лозарот цела година да вложува во производство, да се грижи за лозјето и на крајот да не знае дали ќе има каде да го продаде грозјето. А уште помалку може да биде казнет со губење на субвенцијата затоа што не успеал да исполни услов за кој не му е овозможено да склучи договор со винарија. Потребно е Министерството за земјоделство итно да излезе на терен, да ги повика лозарите и винариите на заедничка маса и да се најде решение пред да започне главниот бран на бербата“, вели Каракашев и предупредува дека ако навреме не се преземат мерки, се ризикува и оваа година голем дел од грозјето да остане необранo по лозјата. А кога еднаш ќе се напуштат лозјата, последиците нема да бидат само за лозарите – ќе бидат за целото македонско земјоделство.