Лошо алиби на кукавиците


ЕРОЛ РИЗАОВ

Обидот за државен удар на 27 април 2017, по четири години кукавичко молчење на организаторите, прерасна во херојски чин на уставобранитeли кои лежат затвор плаќајќи го и гревот на главните виновници

 

(Колумна за Дојче веле)

Требаше да поминат цели четири години молк од срамното насилие и крвопролевање, со обиди за убиства на пратеници во Собранието, кое го виде целиот свет, за да се огласат организаторите кои го осмислија и спроведоа најголемото злосторство во 77-годишната парламентарна историја на Македонија. Исто како и на 27 април 2017 година и сега кукавиците повторно се сокрија зад граѓаните и своите партиски симпатизери, ставајќи ги во улога на нивно алиби за својата валкана совест и кукавичлук да ја прифатат својата одговорност.

Тоа што требаше храбро да го направат пред судот и пред јавноста: да признаат дека се тие наредбодавачите за спречување на мирното примопредавање на власта, на конституирањето на парламентот и избор на претседател, по легални и веродостојни избори, целата вина ја префрлија на своите извршители. Тогаш, лицемерно го осудија насилството криејќи се зад тоа дека наводно станува збор за спонтани реакции на „народот“.

За четири години кукавичко молчење вербалната осуда на обидот за државен удар прерасна во херојски чин на уставоуривачите во уставобранители кои лежат затвор плаќајќи го и својот и нивниот грев, додека главните виновници, се уште се на слобода, или во егзил, избегани од државата. Лошо, многу лошо алиби во изборна година, ставено во функција на предизборна партиска кампања.

Затскриените пораки од протестите

Добро организираните мирни масовни протести зад кои застана ВМРО-ДПМНЕ и повеќе финансиери од дијаспората немаше за цел само спасување на осудените патриоти и уставобранители. Тоа се виде многу јасно од изјавата на Христијан Мицкоски кој мудро побара ново судење, а не веднаш безусловна слобода на сите осудени како што бараа протестантите.

Ново судење би имало правна подлога доколку се достават нови докази посилни од образложенијата на судијата јавно искажани по донесувањето на пресудите. Намалувањето на затворските казни со нови крунски сведоштва се во признанието на организаторите и наредбодавачите од Виена, од Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ, од собраниските канцеларии за што судската постапка сѐ уште трае.

Затскриените мотиви на организаторите на мирните велигденски протести за спасување на големите „патриоти“ осудени за настаните на 27 април 2017 година е во суштина обид за спасување на организаторите на упадот во Собранието. Ако осудените се невини и храбри уставобранители беспредметно е судењето на вистинските наредбодавачи кои ги повикуваа граѓаните во критичните денови по изборите да не седат дома во папучи и оние кои тогаш протестантите ги насочија кон Собранието кое како што рекоа е само на 50 метри далеку од тогашната нивна маршрута пред седиштето на ВМРО ДПМНЕ.

Втората голема причина за организирање на протестите, каде се гледа и улогата на дијаспората со бројните ново сошиени знамиња од Кутлеш, е за поништување на Преспанскиот договор со Грција, а со тоа и самоблокирање на преговорите со ЕУ и доведување во прашање на членството во НАТО и враќање назад на Македонија во времето на режимот на Никола  Груевски со натамошна потрага по античкиот идентитет и пославно минато.

Сепак, најстрашната порака од овие мирни протести се лепливите пароли за македонско сенационално единство кои се директно насочени за лесно запаливи тензии во меѓуетничките односи што пред секои избори има за цел да предизвика еднонационална мобилизација на двете страни, која во некој обид може да излезе целосно од контрола, особено како што е сега кога повторно се цртаат нови граници на „големи“ држави и се актуелизираат идеите за размена на територии и за самоопределување.

Најслабата точка на владата

Погрешната е проценката на опозицијата, мотивирана за поголема масовност, што токму овие поводи беа избрани како одраз на незадоволството на граѓаните од власта. Во време на пандемија која долго трае, со тешки здравствени и економски последици, повеќе афери и скандали кои ја тресат владата, бугарското вето и одложените преговори со ЕУ, можеа да бидат многу поподатливи и помотивирачки за еден поширок граѓански израз на незадоволство, отколку потпирањето на примитивен крајно десничарски популизам со задоцнето миење на крвавите раце од срамните настани на 27 април 2017 година, промовирајќи ги насилниците во херои и уставобранители. За на крајот да преовладаат паролите за еднонационално единство што не означува ништо друго, туку повици за уривање на уставната определба за мултиетничко и мултикултурно општество еднакво за сите. ВМРО-ДПМНЕ со ова само докажува дека останува анахрона политичка партија со раководство кое не може да се одлепи не само од наследството на груевизмот, никогаш не оградувајќи се од злоделата и стратегиските грешки на режимот, туку и од историските наслаги од крајот на 19. и почетокот на 20. век непрепознавајќи ја новата реалност на Македонија. 

Од друга страна, моралните паѓања кај одделни носители на власта и недопустливата толеранција на грешките меѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, конформистичкото премолчување на пропустите и кршењата на законите, евтините оправдувања создаваат политичка вина и лош неповолен јавен амбиент кој оневозможува појасно да се видат успесите во демократизација на општеството. Сето тоа остава лоши последици за вкупните состојби во земјата и ја зголемува недовербата кон реалната можност за остварување на стратегиските државни интереси.

Најслабата точка на Владата и на премиерот Зоран Заев е во дефанзивата и во напорите да ја демантира опозицијата, наместо да ја преземе иницијативата во расчистување на организираниот криминал и корупција без селективност и прикривање на сопствените грешки и на коалиционите партнери. Нема подобар начин за непречено функционирање на владеење на правото од прифаќање на сопствената и морална и законска одговорност на власта за вкупните состојби во земјата. За тоа ги има во раце сите институционални механизми и уставни обврски.

Првите посериозни  почетоци на владеење на правото во Македонија станаа видливи во изминатите четири години со судските пресуди со повеќегодишни затворски казни  за поранешни носители на високи функции обвинети за  корупција и организиран криминал. Таму се и скриените причини за жестокиот судир и попречување на правдата и кај засегнатата опозиција, кај носителите на центрите на моќ стекнати со огромно богатство, но и кај припадниците на власта.

Тоа е курсот кој треба уште порешително да се применува подеднакво за сите граѓани, без оглед кој на какви позиции се наоѓа.  Најголемото зло во Македонија е епидемијата на криминалот и корупцијата која ги блокира сите  реформи, економски, политички вклучувајќи ги и демократските процеси. Отстранувањето на тие метастази, најголемата причина за големите социјални разлики, брзото богатење на мал број луѓе и уште побрзото осиромашување на голем број семејства, е најтешката задача која во суштина е и најголемата пречка за целокупниот развој на земјата. Не случајно првото поглавје што се отвара во преговорите со ЕУ е владеење на правото. Прво се отвара и последно се затвара. На тој фронт треба да се обедини Македонија, а не на еднонационална хомогенизација.

(Линк до колумната овде)