„Најголем скандал денеска во државата е одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да се изгласаат уставните измени“. Ова го изјави новиот министер за правда Кренар Лога кој гостуваше во ТВ21 во дебатниот магазин „Клик Плус“.

 

„Тие се најголемите виновници, и нивното раководство. Јас мислам дека уставните измени ќе бидат решени брзо, особено кога сме блиску до договор меѓу Косово и Србија. Ова ќе го направи патот многу полесен за да се реши и оваа мисија“, рече Лога.

Тој исто така оцени дека ВМРО-ДПМНЕ го загубиле идниот партнер и дека нема надеж да ја земат власта на следните избори.

„ВМРО-ДПМНЕ загуби еден иден партнер. Алијанса за Албанците ги остави нив без надеж, бидејќи тие без албански партнер не може да дојдат на власт. Ја дадовме најдобрата можна лекција. Нема да има партнер во Алијанса за Албанците оние кои ќе го спречат патот кон ЕУ“, рече Лога.

Зборувајќи за судството, тој  беше убеден дека во затворите лежат невини лица.

„Јас сум убеден дека во затворите има невини луѓе, но ова ќе мора да се потврди со посебна постапка“, рече Лога и додаде дека веќе има официјални разговори со меѓународни комисии.

Запрашан за каква постапка станува збор, тој рече дека станува збор за повеќе од два случаи.

„Ние ќе бараме проценка на Комисијата на ЕУ за да го докажеме ова. Тоа се повеќе од два случаи и веќе има службени разговори“, наведе Лога додавајќи  дека не треба да се повтори случајот „Сопот“ во кој, според него, невини луѓе лежеа во затвор. 

Најави дека за тоа ќе се разговара на средбите со претседателите на Судовите и на Судскиот совет и ќе бара од нив за постапката за проценка на случајот „Алфа“ да се земе и во предвид експертизата направена во Србија.