Љутков: За 10 проценти е големен бројот на туристи во седумте месеци годинава


За 10,2 проценти е зголемен бројот на туристите од јануари до јули годинава и нашата стратегија е Македонија да се развива како регионален туристички хаб кој комбинира економски раст, културна промоција и меѓународна видливост, порача од Крушево министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој присуствуваше на манифестацијата „Одржлива трансформација во туризмот“ за денешниот светски ден на туризмот.

-Од јануари до јули годинава Македонија ја посетиле 730.793 туристи, што претставува зголемување од 10.2 % во однос на истиот период минатата година. Кај странските туристи имаме значителен раст од 15.1 %, што ја потврдува позитивната динамика на меѓународниот интерес за Македонија како туристичка дестинација. Вкупниот број на ноќевања во овој период изнесува 1.750.979, што е зголемување од 5.5 % во споредба со претходната година. Најмногубројни се гостите од Турција, Србија, Полска и Холандија. Овие податоци јасно покажуваат дека Македонија станува сè поатрактивна туристичка дестинација, особено за странските пазари. Тоа е резултат на активните политики и промоции што ги спроведуваме, но и доказ дека туристичката слика на нашата земја се менува во позитивен правец, рече Љутков при обраќањето на манифестацијата во крушевскиот хотел „Панорама“.

Туризмот за Македонија е прашање од стратешко значење. Нашата географска положба – на крстопатот на Балканот, каде се сечат европските Коридори 8 и 10 – ни овозможува да бидеме транзитен центар, но и повеќе од тоа.

-Наша цел е патниците кои минуваат низ земјата да станат гости, а гостите да станат амбасадори на македонската култура, природа и гастрономија. Тоа е дел од нашата стратегија: Македонија да се развива како регионален туристички хаб кој комбинира економски раст, културна промоција и меѓународна видливост, порача министерот за култура и туризам Љоран Љутков.

На манифестацијата беа презентирани туристичките можности и капацитети на Крушево, а беа претставени и гастрононските специјалитети како уникатност на традицијата и на културата што привлекува посетители и туристи. Воедно, Крушево ги претстави и сите предности на природните ресурси за планински и алтернативен туризам.