Литванија ќе бара санкции за руското жито
Литванскиот премиер Миндаугас Синкевичиус , преку објава на социјалните мрежи, повторно повика ЕУ да воведе санкции за руските житарки.
„Литванија ќе предложи не само забрана за таков транзит (на руски житарки низ ЕУ), туку и вклучување на поединечни олигарси од рускиот земјоделски сектор, кои ја поддржуваат војната, на списокот на санкционирани лица“, напиша Синкевичиус на Фејсбук.
Овие изјави доаѓаат како одговор на тековната руска блокада во Црното Море, која драстично ги намалува приходите на Украина од извоз на храна, но и ги доведува земјите-увознички од Блискиот Исток и Северна Африка во незавидна положба.
Покрај тоа, Киев ја обвини Русија дека на 5 и 6 октомври извршила напади врз товарни бродови во близина на црноморскиот брег на Романија и Бугарија, при што загинале цивили.
„Истовремено, Русија користи пристаништа и инфраструктура во Европа, вклучително и во балтичките земји, за извоз на сопствените житарки“, рече Синкевичиус. „Ова е неприфатлива ситуација, која досега се толерираше со образложение дека санкциите на ЕУ не се однесуваат на прехранбените производи“, истакна тој.
Во интервју за „Киев Индипендент“ (Kyiv Independent), специјалниот претставник на ЕУ за санкции, Дејвид О’Саливан, изјави дека Унијата не вовела санкции за земјоделските производи „бидејќи тоа всушност не влијае врз воената машина“.
О’Саливан исто така напомена дека санкциите веќе ја намалиле трговијата на ЕУ со Русија за 75 отсто, како и дека целосното прекинување на трговските врски не е нужно целта на политиката на санкции на ЕУ.
Синкевичиус изјави дека, доколку не дојде до промена на политиката на ЕУ, тој веќе наредил „построги контроли на потеклото на житарките за да се осигури дека житото украдено од Украина или измешано со друго жито нема да се транспортира низ Литванија“.
„Нема да дозволиме руската воена машина да профитира користејќи ја нашата инфраструктура како влез кон глобалните пазари“, рече Синкевичиус.