Листата на должници на УЈП се зголемува и по број и по износ – еве кои се на неа
На најновата листа има вкупно 1.815 должници - правни лица, за 32 повеќе од претходно, како и 3.683 физички лица, за 54 повеќе од претхо. Вкупниот нето долг на сите должници изнесува фрапантни 147,4 милиони евра
Познати фирми, од кои некои се во фокусот на интересирањето на јавноста поради нивната поврзаност со звучни имиња од македонската бизнис и политичка сфера се најдоа на најновата листа на должници што во петокот ја објави Управата за јавни приходи. На оваа листа има вкупно 1.815 должници – правни лица, за 32 повеќе од претходната листа, како и 3.683 физички лица, за 54 повеќе од претходната листа.
Како што соопшти УЈП, вкупниот нето долг на сите должници од „црната листа“ изнесува фрапантни 9.067.088.954 денари (или 147,4 милиони евра. Освен висината на долгот загрижува и податокот дека нивото на обврските на фирмите и на поединците се повеќе се зголемува, односно долгот сега е за 872.182.529 денари (односно за нешто над 14 милиони евра) повеќе од претходната листа.
Долгот се однесува по повеќе основи – за Данок на додадена вредност, данок на добивка, данок на доход и придонеси, потоа ПДД по други основи, неплатена царина, ДДВ при увоз и за акцизи.
Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 8.900.288.661денари, (144,7 милиони евра) , и е за 847.836.009 денари (13,7 милиони евра) повеќе од претходната листа, додека долгот за царински давачки е 166.800.293 денари (2,7 милиони евра) и е за 24.346.520 денари (395,8 илјади евра) повеќе од претходната листа.
Како што појаснуваат од УЈП, станува збор за долгови доспеани до 31.07.2023 и неплатени до 31.10.2023 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.
Фирма со најголем долг по сите основи е „Окитна трејд увоз извоз“, ДООЕЛ Скопје, со вкупен долг од 648,6 милиони денари или околу 10,5 милиони евра, а во топ петте должници се уште СГСМ-Оил&гас сервис, подружница во Скопје, Република Македонија (219.457.045 денари или околу 3,5 милиони евра), потоа јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ – Гостивар (144.327.133 денари или околу 2,3 милиони евра), „Дивелоп груп“ со 128.491.477 денари или околу 2 милиони евра и „Мил- Давит“ ДОО Скопје со 126.349.175 денари или 2 милиони евра.
И на оваа листа во самиот врв се најдоа повеќе комунални и јавни претпријатија, како на пример националната установа Центар за култура „Иљо Антески Смок“ – Тетово, Јавното комунално претпријатие – Тетово, Чистота и зеленило НП Пастрими, дхе Гјелберими Ј.П . Куманово, ЈП за стопанисување со објекти за спортување во сопственост на Р.М., Друштво Фабрика за шински возила Велес, но и познати спортски клубови како Фудбалскиот клуб Вардар ад Скопје и тн.
Управата за јавни приходи без согласност на даночниот обврзник на својата веб страница може да објави податоци заради исправка на непотполни информации кои се објавени во Листата на должници.
Целата листа на должници може да се најде на следниот ЛИНК.