Лисичани не сакаат бетонизација, Општина Аеродром им предложила спорен ДУП


До утре трае јавната анкета за Деталниот урбанистички план за градскиот кварт ЈИ09 блок 09.01, кој од 30 март е изложен во просториите на ООУ „Димитар Македонски“, каде граѓаните може да поднесуваат забелешки и предлози за тоа што сакаат да има на тој простор.

Во определениот рок заинтересираните правни и физички лица можат да достават забелешки и предлози по предлог на планот, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам или во писмена форма, стои на објавата од Општина Аеродром на нивната веб-страница.

Но, откако на Фејсбук се појавија повици од типот: „Да го зачуваме Лисиче“, со предупредувања дека „Лисиче е наредна мета на урбаната мафија“, по повод спорниот предлог – детален урбанистички план за населбата, од општината објаснуваат дека посочениот ДУП е изработен пред неколку години. Во него, најголемиот дел од парцелите, односно повеќе од 95 отсто, се наменети за А1-објекти за индивидуално домување, односно за семејни објекти.

– Најважно од сè е дека тој во ниту еден случај не предвидува изградба на стотици згради. Напротив, решава проблем на стотици граѓани во овој дел од Општината – велат од локалната самоуправа.

Од иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ пак, на својата фејсбук страница велат дека постои подмолен и нетранспарентетн начин да се протне ДУП ЈИ09, што како што додаваат, е катастрофален за населба Лисиче. Оттаму велат дека со новиот ДУП ќе се наруши спокојниот живот на жителите и дека се предвидени голем број згради, затворање на постоечки улици, како и траси за нови улици кои минуваат низ домови.

Тие повикуваат да се стави крај на градежниот хаос и да реагираат сите, поднесувајќи анкетни листови со свои забелешки најдоцна до 13.04.2023 во ОУ “Димитар Македонски“.

Инаку, планскиот опфат е дефиниран со следните граници: на север по оските на бул. „Дванаесетта македонска бригада“, новопланираните улици „С4“ и „С2“, од исток по оската на новопланираната улица „С1“, на југ по оската на железничката линија Скопје – Гевгелија и на запад по оската на булевар „Србија“.

Жителите од оваа населба пак, исплашени од тоа да не им никнат згради околу нивните куќуи велат дека не сакаат згради, како што се планира со предлог ДУП-от и не скаат да ѝ ги дадат своите дворови на градежната мафија или на поединци. Сметаат дека нивната населба и така е густо населена, јасно е и дека е една од најзагадените наслби во однос на квалитетот на воздухот, а вакви решенија само дополнително би придонеле за загадување.

Од општината уверуваат дека токму заради тоа предлогот е ставен на увид на граѓаните, кои можат да придонесат со своите предлози, а „финалната верзија од ДУП-от ќе биде изработена по завршувањето на јавната анкета и во неа ќе бидат земени предвид мислењата и ставовите на граѓаните што живеат во овие населени места“.