„Лидл“ ќе вработи 2.000 лица во БиХ и ќе има продавници во секој град со повеќе од 30.000 жители


Во следните неколку години продажните капацитети на познатиот синџир маркети „Лидл“ ќе бидат присутни во градовите и општините во Босна и Херцеговина кои имаат повеќе од 30.000 жители, било соопштено на средбата на претставници на компанијата со министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ, Сташа Кошарац.

Веќе се спроведуваат  подготвителните работи за изградба на логистички центар во близина на Сараево. Од аспект на развојните планови било истакнато дека компанијата „Лидл“ во иднина би можела да отвори 2.000 нови работни места во БиХ, пренесуваат босанските медиуми.

Кошарац и претставниците на „Лидл“ посебно се задржале на прашањето за застапеноста на домашните производи во продажните капацитети на оваа компанија.

Кошарац истакнал дека е охрабрувачки што компанијата „Лидл“ изразила подготвеност производите од Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина да бидат соодветно позиционирани на нејзините комерцијални пазари, во согласност со стандардите на компанијата.

„Компанијата ‘Лидл’ е препознатлива на светскиот и европскиот пазар, а присутна е и на регионалните пазари како Србија и Хрватска. Задоволен сум од нивната посветеност и подготвеност да прават бизнис во Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина во иднина“, рече Кошарац.