Лидерската средба заврши, оптимизам речиси и да нема

Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски се сретнаа на само. Шансите за договор околу уставните измени се минимални


Фото. Б. Грданоски

 

Претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, ја завршија нивната лидерска средба очи во очи во Клубот на пратениците посветена на европските интеграции и односите со соседите, со минимални шанси за некакво разбирање меѓу власта и опозицијата. Особено за уставните измени. 

Мицкоски отиде на средбата со ставот на Извршниот комитет усвоен денеска дека „уставни измени под диктат и во околности кои се поразителни за Македонија не смее да има. Носењето на уставни измени во состојба кога е нападнат националниот и државен идентитет на македонските народ, кога се оспорува јазикот, историјата и културата не е никаков чекор напред, туку отварање на вратата за нови поразителни условувања и себеодрекувања… Измама е тезата дека на оваа лидерска средба се одлучува за интеграција или за изолација. На оваа лидерска средба се одлучува или за уставни измени и национални порази или за одбрана на националното достоинство и националните и државните интереси“. Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ  бара фер шанса иста со онаа на останатите народи и држави од Централна и Источна Европа кога пристапуваа кон ЕУ.

Како што информираат некои медиуми, наводно, Ковачевски дошол со три предлози на средбата: партиите заеднички да застанат зад уставните измени и да ги изгласаат во Собранието. Потоа, веднаш по усвојувањето на уставните измени да се распишат избори како компромисно решение кое ќе значи продолжување на европскиот пат.

Вчера вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, рече дека на денешната средба очекува да бидат поставени сите прашања околу уставните измени, да се разговара околу самиот текст и околу процесот како да се изведат тие најбрзо и наједноставно, со цел да ги продолжиме преговорите и да ја отстраниме евентуалната блокада.

„Мислам дека дијалогот е најдоброто решение, така што пред да започне процедурата во Собрание логично е да седнат лидерите на најголемите политички партии и да поразговараат. Владата ќе биде конструктивна и секогаш е конструктивна“, рече Маричиќ. 

Тој нагласи дека најважно е опозицијата да ја сфати својата одговорност во носењето на овие одлуки. „Тие ја пропуштија таа шанса за НАТО, за Преспанскиот договор, еве им се дава можност да не ја пропуштат и овојпат, со тоа што овојпат текстот и содржините на измените се со далеку помала тежина и предизвикуваат помали проблеми во однос на тоа што беше претходно“, оцени Маричиќ. 

Според него, ако не се направат уставните измени, дефинитивно ќе биде испуштена шансата за влез во ЕУ.