Лидерите на кипарските Грци и Турци се договорија за отворање два нови премини


Отворање два нови контролни пунктови, односно премини; воспоставување механизам за брза реакција при вонредни ситуации, како и трилатерална средба со генералниот секретар на ОН Антониот Гутереш во следните седмици, биле точките за кои се договориле лидерите на кипарските Грци и кипарските Турци Никос Христодулидис и Туфан Ерхурман на заедничката средба со личната претставничка на генералниот секретар на ОН за кипарското прашање Марија Анхела Олгин, јави дописничката на МИА од Атина.

Трилатералната средба што се одржа во заштитената зона на Обединетите нации во Никозија, според кипарските медиуми, траела речиси четири часа, а од Мисијата на ОН на Кипар соопштија дека била позитивна и „двајцата лидери ја продолжија дискусијата за мерките за градење доверба, методологијата и суштината“.

Христодулидис и Ерхурман се договориле за два нови контролни пунктови, што ќе бидат отворени истовремено, се согласиле да продолжи размената на архивски материјали преку Техничкиот комитет за културно наследство, да се реализираат еколошки проекти преку Техничкиот комитет за животна средина, но и одново да се активира образовната програма што има за цел да ги зближи учениците од двете заедници.

Дополнително, биле договорено двајцата лидери да го задолжат Техничкиот комитет за управување со кризи да воспостави механизам за брза реакција при вонредни ситуации.

– Тие исто така разговараа и за отворање на други контролни пунктови, како и за останатите поврзани прашања што сè уште не се решени. Разговорите за овие прашања, како и за методологијата и суштинските аспекти на преговорите, ќе продолжат во наредниот период, како и на трилатерална средба со генералниот секретар на Обединетите нации, која ќе се одржи во следните недели, соопштија од мисијата на ОН на Кипар.