Либералите од Југоисточна Европа ги нарекоа „болни умови“ креаторите на нон-пејперот
Мрежата на либералните партии за Југоисточна Европа го оцени како скандал појавувањето на нон-пејперот за менување на границите на Балканот, заклучувајќи дека е очигледно дека тој постои, но никој не сака да застане јавно зад него.
За нив тоа се идеи на болни луѓе кои не само што цртаат нови граници на Балканот и развиваат идеи како да го продолжат неговото распаѓање, туку практично се закануваат и да ја распаднат ЕУ, а ова е првиот чекор за тоа.
-И фамозната салветка на која Фрањо Туѓман и Слободан Милошевиќ цртаа како да ја поделат БиХ беше нон-пејпер, потсети Предраг Којовиќ, пратеник од Наша партија во босанскиот Парламент, соопштувајќи дека граѓаните во оваа земја се вознемирени и бараат одговор што се случува.
Роман Јакиќ, претседател на оваа група и поранешен министер за одбрана на Словенија изјави дека официјално никој не потврдува дека документот постои и не е формална иницијатива на словенечкиот премиер Јанез Јанша, но самото споменување на земјата околу овој документ е тежок удар за нејзиното претседателствување со ЕУ наскоро.
-Овој документ е во колизија со сите документи за надворешната политика на Словенија и драго ми е што т.н. решенија за незавршените прашања на Балканот наидоа на силно одбивање во САД, во Германија, во Франција и во други земји кои го поддржаа територијалниот интегритет на БиХ . Овие „решенија“ ќе ја отворат Пандорината кутија и ќе доведат до нови војни во регионот, рече Јакиќ.
Тој соопшти дека либералните партии од Словенија, Унгарија, Бугарија, Србија, БиХ, Црна Гора, Грција и од Македонија расправале за нон пејперот и едногласно го осудиле деновиве.
-Одлучни сме да се спротивставиме и да ги поразиме овие болни умови и политичари кои зборуваат за ревизија на границите на Балканот и кои сонуваат за создавање големи држави. Сакаме регион со постојните држави, со отворени граници и целосно интегрирани во ефективна ЕУ, каде луѓето ќе бидат среќни а екстремистите изолирани, рече Јакиќ.
На прес конференцијата учествуваа и Весна Пусиќ поранешен шеф на дипломатијата на Хрватска и Емил Кирјас, потпретседател на Либералната интернационала и поранешен државен секретар во МНР на Македонија. (С.Ј.)