Левица го блокираше Законот за просторно планирање


Пропадна oбидот за промена на Законот за урбанистичко планирање во скратена постапка. Најголем дел од партиите останаа на ставот дека без јавна дебата и вклученост на сите страни законот нема да дозволат да се менува.

Од партијата Левица поднесоа 1.300 амандмани против измените на законот бидејќи се сомневаат дека целта е да се продолжи со урбаното дивеење и овозможување на профитерите да реализираат планови неусогласени со генералниот урбанистички план, како што е случајот со планот за локацијата наспроти Холидеј Ин. Тоа го потврди и лидерот на партијата Димитар Апасиев во објава на својот фејсбук профил.

-Левица денес поднесе 1.300 амандмани на спорниот Закон за урбанистичко планирање (по скратена постапка). Нема деблокирање додека во Собрание не се чуе гласот на стручната фела и на архитектите, напиша Апасиев.

 ВМРО-ДПМНЕ бара да не се брза со законот и да не се носи во скратена постапка. „Сметам дека треба да се повлече, да се доработи, да се вклучи стручната јавност, а потоа да се пушти во редовна постапка“, изјави пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, се согласува дека е потребна стручна дебата.

„Не знам зошто се создаде фама во јавноста, сите сме против интригашите во урбанизмот. Членот 35 го дискутиравме со невладините и пратениците и се согласивме да се дообјасни. И нема да се дозволи состојба каде ДУП и ГУП не се усогласени. Прифаќам дебата, но не блокада“, изјави Бочварски.е!

Измените на Законот за урбанизам се на барање на повеќе градоначалници и главна цел е да се спречат злоупотребите на планерските куќи да работат урбанистички планови за само 1 денар.

„Најважен аспект на измените е изборот на планерска куќа која најчесто ја избираат општините за изработка на ДУП. Има колизија со Законот за јавни набавки и сакаме да се регулира тоа, изборот да се врши преку тарифникот и да се забрани фирмите да работат планови за 1 денар. Имавме таков случај, градоначалници не смеат да спречат, зашто сега изборот на фирма е по најниска цена“, вели Бочварски.

Градоначалниците сметаат дека со предложените измени на Законот за урбанизам ќе се забрза постапката за носење Детални урбанистички планови, но ќе се допрецизира и можноста за суспензија. Невладините организации и архитектите,пак, реагираат дека се отвора можност за „протнување“ на спорни детални урбанистички планови, како делот што го опфаќа паркингот спроти „Холидеј ин“. Проблемот го лоцираат во членот 35 во кој ќе се воведат исклучоци за важноста на Деталните урбанистички планови. Односно, се додава нов став каде што се наведува дека, по исклучок, одреден ДУП, донесен согласно Генерален урбанистички план кој престанал да важи, може да се применува ако намената на градбата е иста и ако не ја попречува сообраќајната мрежа.

Предистражни постапки

  Обвинителството по укажувањата од антикорупционерите за спорниот ДУП кај хотелот „Холидеј Ин“, отвори предистражна постапка и веќе се собираат докази за сомнежите дека повеќе службени лица меѓу кои и двајца поранешни градоначалници на Општината Центар од 2009 до 2013 година и од 2013 до 2017 година – од позиција на моќ не постапувале и овозможиле да биде изгласан спорен ДУП. До 17 јуни е рокот за достава на мислењето во однос на барањата за суспензија на ДУП-овите во Центар. Вкупно единаесет елаборати се доставени за суспензија.