Левица: ДПМНЕ и Јанчев донесоа ДУП во Кавадарци за кој жителите поднесуваа кривични пријави


Левица денес реагира дека на последната седница на Советот на општина Кавадарци, ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Митко Јанчев донеле скандалозен Детален урбанистички план, кој предвидува, како што велат од таму, мегаломански згради во непроодни улици во центарот на овој град.

„На овој ДУП претходно имаше огромни реакции од жителите на Кавадарци, од кои повеќето беа присутни на четири јавни анкети, каде нивните забелешки не беа прифатени.Советникот Круме Богевски од Левица првично поднесе 99 амандмани и нови 101 амандман за блокирање на овој ДУП. Дополнително, граѓаните на Кавадарци самоиницијативно отпочнаа кривична постапка против Општината и порачаа вештачење во кое предложениот ДУП со мегаломански згради во тесни улици е опишан како “урбанистичко силување“.

ДПМНЕ, и покрај кривичната постапка која е активна, го стави ДУП-от на дневен ред и како последен обид, советникот од Левица држеше тричасовен филибастеринг, убедувајќи ги членовите на Советот да не изгласаат погубен ДУП кој ќе му пресуди на градот со трајни последици по достапноста, животната средина и хуманото живеење!“, реагира Левица.

Според партијата, носењето на ваков скандалозен ДУП од страна на градоначалникот Митко Јанчев, спротивно на барањата и потребите на жителите, е единствено во корист на урбанистичката мафија и локалните моќници.