Левица бара обвинителство да отвори истрага за Орце Ѓорѓиевски и дивоградбите
Последниот случај со поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за непостапување по службена должност и толерирање дивоградби во Драчево, против градоначалникот на Кисела Вода, а сега кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓеоргиевски, објавено во „Слободен печат“, е уште една потврда за тесната поврзаност меѓу власта, бизнис интересите и урбанистичката мафија која со години го уништува Скопје, се наведува во соопштението од Левица.
Додека народот плаќа даноци и со години чека да му се решат инфраструктурни проблеми бизнисмени од ДПМНЕ си дозволуваат да градат дивоградби на државно земјиште и при тоа да ги легализираат со промена на урбанистички планови, што е класичен пример за злоупотреба на функција за лична и партиска корист.
„Бараме Обвинителство итно да постапи по пријавата и да отвори истрага не само против Ѓорѓиевски туку и против сите лица кои се инволвирани во овој случај со дивоградбите во Драчево. Нема да има правда додека функционерите не почнат да одговараат за своите постапки“, велат од Левица.