Левица бара да се укине двојното државјанство за највисоките функционери


 

Поради сагата со бугарското државјанство на министерката за енергетика Сања Божиновска партијата Левица побара да се укине двојното државјанство на највисоките функционери во државата.

Според Левица, неколку работи се симтоматични во случајот со бугарското државјанство:

„Таа првично изјави дека не знаела дали има потпишано изјава за бугарска самосвест, туку тоа го правеле адвокати посредници. Еве нејзин личен потпис. Или министерката не знаела што потпишува?!

Божиновска изјави дека поднесла барање за откажување на бугарското државјанство. Барањето за откажување е поднесено во септември 2023 година, само 5 месеци пред да стане член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Ако Божиновска има бугарски пасош заради “економски причини” како што тврди – тогаш зошто не побарала откажување веднаш штом добила чешко државјанство? Јасно е дека Божиновска воопшто немала намера да се откаже од бугарското државјанство и бугарската самосвест, сѐ додека не станала член на органите на ВМРО-ДПМНЕ.

Божиновска до ден денес нема дадено одговор дали Бугарија официјално го има прифатено нејзиното барање за откажување од државјанство“.

За „бугарската самосвест“ на Божиновска се расправаше и во Собранието на седницата за пратенички прашања. Оливер Спасовски од СДСМ го праша премиерот Христијан Мицкоски дали знаел за овој „проблем“ на Божиновска и што мили да направи околу фактот дека министерката неколку пати лажно ја информира јавноста околу нејзиното бугарско државјанство.

Мицскоски не одговори на прашањето, долго образложувајќи дека на Македонија треба да ѝ е чест што ја има Сања Божиновска за министерка, дека таа е признаен експерт низ цела Европа, а не „да се занимаваме дали имала или немала бугарска самосвест“. Тој рече дека со Божиновска се познавал уште од 2011 година.