Летовите во рамки на Шенген зоната наскоро со контрола на документите
Досега летовите во Шенген зоната се третираа како домашни летови. Но, според предлогот на Европската комисија, тоа наскоро треба да се промени.
Досега немаше контрола на документи на домашни летови и летови во рамките на Шенген зоната, ако не се брои контролата на личните документи кои компаниите ги прават при качување. Но, наскоро овие контроли би требало да станат посериозни. Како што пишува неделникот „Шпигел“, авиокомпаниите во иднина треба да собираат т.н API податоци, односно информации за идентитетот на патникот и да ги проследуваат до властите, пренесе Дојче веле.
Иако, според нацрт-законот што го подготви Европската комисија, не станува збор за класични контроли што ги врши граничната полиција, туку персоналот на авиокомпаниите, сепак се стравува дека на крајот се ќе се сведе на класична „предшенген“ контрола со редици и губење време.
„Времињата кога едноставно одевме до портата и летавме се зад нас“, вели песимистички членот на германската Либерално-демократска партија (ФДП) во Европскиот парламент, Јан-Кристоф Отјен.
Тој очекува сите патници, дури и оние кои патуваат само со рачен багаж, дека ќе мора да ја скенираат личната карта или пасошот на шалтерот за пријавување.
Либералниот политичар е убеден дека контролата на документите ќе се врши на шалтер, а не при влегување во авион.
„Компаниите стравуваат дека ќе имаат проблеми со документите за време на влегувањето во авион и може да доведе до големи одложувања“, смета либералниот политичар.
Во овој случај, многу е поедноставно компаниите да им наредат на патниците да дојдат порано за да ги проверат документите на шалтерот.
Може да се случи многумина кои летаат до и од Хрватска и кои по влезот на земјата во Шенген зоната на почетокот на годината се навикнаа на порелаксирано патување, наскоро ќе мора да се откажат од оваа привилегија, пренесува СЕЕбиз.