Летна мода, траен отпад: Како попустите го хранат текстилниот проблем
Дали знаете дека секое петто парче облека купено онлајн се враќа, а дека една третина од тие враќања се – уништуваат?

Сезоната на летни попусти е во полн ек – банери со „50% ПОПУСТ“, „ОГРАНИЧЕНА ПОНУДА“ и „КУПИ СЕГА“ нè бомбардираат од сите страни. Онлајн шопингот никогаш не бил полесен, но зад тој комфор се крие реалност што ретко ја гледаме: планини од вратена облека која никогаш не се носи – само се уништува.
Новото видео на проектот VERDEinMED од ТТА-Текстилниот кластер, во соработка со Моден Викенд Скопје, открива како културата „гледај сега, купи сега“ поттикнува импулсивна потрошувачка, води до зголемен текстилен отпад и создава невидлив, но сериозен еколошки проблем.
Дали знаете дека секое петто парче облека купено онлајн се враќа, а дека една третина од тие враќања се – уништуваат?
Брзата мода ја менува гардеробата со брзина на светлина, но и депониите ги полни со облека што се распаѓа и испушта штетни гасови и микропластика.
„Импулсивното онлајн купување сè повеќе го нарушува кревкиот баланс во текстилниот синџир. Вратената и уништена облека претставува загуба не само за животната средина, туку и за трудот и ресурсите вложени во секое парче. Купувањето од одговорни и одржливи брендови може да го намалат ова негативно влијание на модата“
— истакна Наташа Сивевска координаторка на проектот, текстилен инженер и аудитор за еколошка и социјална усогласеност од ТТА-Текстилниот кластер.
Ова видео е повик за размислување токму сега, кога летните попусти ја достигнуваат кулминацијата. Можеби е време да се запрашаме: Дали ова парче навистина ми треба? Дали купувам од одговорен и одржлив бренд? Дали производот што го купувам е кавлитетен и може да трае? Модата треба да се носи, не да се фрла!
Погледнете го видеото и дознајте повеќе на каналите на VERDEinMED. Линк до видеото: https://youtu.be/NphBpynRgQw?si=tgwk7Q4CFNCTKuX-