„Летај галебе“ – Младите за маестро Кире Костов со Камерниот оркестар од Битола
Со концерт на Камерниот оркестар од Битола и 11 млади интерпретатоти, вечер почнува со реализација проектот „Летај галебе“ – посветен на творештвото на маестро Кире Костов.
Според организаторите, настанот ќе биде одлична можност за промоција на македонското музичко наследство, низ модел адаптиран за сите генерациски структури, со цел зачувување и негување на автентичниот македонски мелос, низ интерпретација на младите изведувачи од земјава.
-Во чест на богатото музичкото творештво на Маестро Кире Костов, на 7 јуни годинава ќе се одржи концертен настан во неговата родна Битола, во чии рамки 11 млади интерпретатори со битолскиот Камерен оркестар, ќе ги вратат на сцена безвременските хитови на легендарниот македонски композитор, инструменталист и диригент, се наведува во соопштението.
Музичкиот настан, што ќе се одржи во Центарот за култура во е увертира на проектот од национален интерес „Летај Галебе“. На битолската сцена, неделава, заедно со Камерниот оркестар од Битола, под диригентската палка на Владимир Димовски, ќе настапат: Мина Блажев, Барбара Поповиќ, Антониа Гиговска, Сефедин Бајрамов, Кики Мукаетова, Бојан Стојков, Димитар Андоновски, Драгана Јовановска, Раде Врчаковски Врчак, Андреа Томовска и Владимир Костов. Автентичниот вовед, пак, му е доверен на животниот другар и музички партнер на Кире во креирањето на најголемите македонски хитови, евергрини песништа… проф. д-р Миодраг Врчаковски.
Во рамки на проектната платформа „Летај галебе“, во времетраење од јуни 2024 – април 2025, кон крајот на годинава е предвидена и пригодна промоција на книгата – Омаж на ликот и делото на легендарниот композитор, а веќе следната година и гала-концерт на еминентните изведувачи во земјава, со Моцартов состав, во Националната опера и балет.
-Проектот „Летај галебе“ има за цел афирмација, но и заживување на некогашните богати музички вредности, чии високи стандарди се честа тема на дебата на актуелната културна сцена и кон чие достигнување се стремат и денешните музичари, уметници и творци во рамки на модерната и класичната музичка дејност. Проектот претставува поттик на долг рок, да се врати балансот помеѓу современите и традиционалните музички вредности. Да им се даде мотив на искусните творци да ја продолжат мисијата на маестро Костов, но и да им се даде насока на младите музички работници, во која насока треба да се развива македонската музичка творба, наведуваат организаторите.
Иницијатор на проектната платформа „Летај Галебе“, е сопругата на маестро Костов, Кармен Костова.