Ленче Ристоска како навреда ги доживува измените на Кривичниот законик


Фото: Б. Грданоски

За дел од случаите кои се во тек, а се засегнати од измените на Кривичниот законик, со кои се намалија казните за дел од коруптивните кривични дела, ќе мора да се направат измени за да се извлече максимум, смета обвинителката Ленче Ристоска.

– Измените на кривичниот законик, би рекла дека и те како влијаат на културата на неказнивост која некако се протежира изминатите години и затоа и зборувавме веќе на панелот. Обвинителството, по мое мислење е ставенно пред навистина една неблагодарна и тешка задача. Имаме кратки рокови таму каде што не е настапена застареноста, тоа експресно да се заврши. од друга страна ресурсите се такви какви што се, не ни се унапредени состојбите, а секако во однос на предметите во којшто сме вложиле многу и ресурси и енергија, веќе тие предмети ни застаруваат, голем дел од нив – рече Ристоска по панелот  во рамки на конференцијата, посветен на жените во сферата на правдата и на корупцијата во правосудниот систем „Зајакнување на жените и младите во борбата против корупцијата и во вградувањето на европските фундаментални права и вредности во регионот“.

Појасни дека, барем за предметите по коишто таа постапува, во тек е анализа да видат точно која ќе биде импликацијата на овие измени на КЗ.

– Меѓутоа самите измени како такви, јас лично ги доживувам како навреда за сите професионални коишто сме се вложиле во борбата, прес сѐ против корупцијата, бидејќи овие измени најчесто ќе ги афектираат коруптивните кривични дела – рече Ристоска.

Потенцира дека кои било измени со кои можеби некој се спасува од кривична одговорност, не ја изземаат од одговорност имотната корист, односно конфискацијата и понатаму останува на сила.

– Најмалку што може да направиме е, во судските предмети каде што имаме можност, да се бориме да се спроведе конфискацијата, вели Ристоска, која укажа дека и кај пресудената конфискација, некаде, има проблеми.

-Разбирам дека имаме проблеми во  делот на конфискација. Но, јас ја подвлекувам обврската на Обвинителството да направи сѐ што е можно да го обезбеди имотот понатака да се конфискува, имотот во корист на државата, а самото спроведување таму каде веќе се детектирани проблеми, верувам дека треба и подобра меѓуинституционална соработка, па дури и политичка волја за измена на некои законски решенија за конфискацијата да заживее. Да, се согласувам некако ни е полужива во моментов, рече обвинителката.