Лекарска комора: Директорката на Кожна, засега, може да добие само опомена

Во врска со случајот со директорката на Клиниката за кожни болести заболена од коронавирус која не ги почитувала препораките на здравствените власти да се јави на преглед по доаѓањето од Италија, Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора утре ќе одржи состанок и ќе донесе одлука во смисла на опомена за која ќе знаат нејзините членови и тој што ја добил, јавна опомена за која ќе биде јавноста информирана, одземање привремено или трајно на лиценца. Во моментов не може да се одземе лиценца, но постојат други судски инстанци. Имаме законски и подзаконски акти според кои мора да делуваме, истакна на прес-конференција претседателот на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова.

Лекарската комора преку своите органи, посочи таа, ќе постапи во согласност со важечките законски прописи, имаме Закон за здравствена заштита, Закон за правата на пациентите, Статут, подзаконските акти и веднаш откако ќе имаме одлука јавноста ќе биде информирана.

„Во Законот за здравствена заштита не е предвидено дека некој доктор свесно ќе го загрози здравјето на другите, затоа постои Кривичен закон, затоа постојат институции кои ќе се погрижат за тоа. Наше е пред се апелираме до колегите да се придружуваат на препораките на Светската здравствена организација“, рече Гривчева Старделова.

Комората, додаде таа, бара докторите на медицина и другите здравствени работници да ги почитуваат препораките од Светската здравствена организација за заштита од коронавирусот и упатствата во целина.

Заменик-претседателот на Лекарската комора, Елбер Бесими рече дека доколку судските власти донесат соодветна пресуда тогаш Лекарската комора е должна да постапи според одлуките на судот.

„Комората на својата веб-страница и фејсбук страната ги објави препораките од СЗО за заштита на граѓаните од коронавирусот и Упатството за поставување на здравствените работници за заштита и во случај за сомневање на коронавирус. Лекарска комора апелира уште еднаш до докторите на медицина и до сите здравствени работници да се однесуваат како што доликува на докторската професија, одговорно и разумно, како и во целост да ги почитуваат дадените препораки, упатства и насоки со цел да се заштити здравјето на граѓаните, како и нивното здравје“, додаде Гривчева Старделова.

Одговарајќи на новинарско прашање таа рече дека специјалисти по дермовенеторологија има во ГОБ „8 Септември“, „Аџибадем Систина“, „Ремедика“, во клиничките болници во Битола, Штип и Тетово.