Лекарите не сакаат да работат во затворите, ни за 30 отсто повеќе плата поради ризик

Цел на предлог измените на Законот за извршување на санкциите е подобар и посигурен затворски систем со големо внимание на правата на затворениците – од аспект на образование, здравствена заштита и правото на работа. Се прецизираат и некои надлежности на Кривичниот совет, наспроти надлежноста на Судија на извршување на санкции. Се внесуваат измени во делот на санкциите и прекшоците од аспект на „Безбеден град“, а се става акценти на обуката на сите вработени во затворскиот систем и и понатамошно запознавање со европски стандарди.
Ова беше порачано на јавната расправа по Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите, во организација на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, Управата за извршување санкции при Министерството за правда и Македонското пенолошко друштво.
Директорот на Управата за извршување санкции при Министерството за правда, Александар Пандов, посочи дека работната група која работела околу година на предлог законските измени била составена од професори, судии, вработени во Управата за извршување санкции, од затворски синдикат, затворска полиција и институции, како Фондот за здравство и МОН.
-Се надевам дека со овие измени, кои најверојатно ќе бидат изгласани по локалните избори ќе имаме подобар и посигурен затворски систем. Интенцијата и целта на овие измени е токму тоа, изјави Пандов.
Моменталната состојба во затворите во Македонија, нагласи Пандов, е таква што оној што работи со доживотни затвореници во Идризово и оној што работи со затвореници со казни до три години затвор, имаат иста плата, што според него треба да се наметне како тема и да се направат промени.
-Ќе се обидам и ќе ги кажам моите видувања на јавната дебата, бидејќи секако тоа би имало финансиски импликации, да има промена и плус мотивација… Тоа во комунизмот било ок, мислам дека сега како општество треба, не тврдам, меѓутоа таа работа сакам да ја отворам и ќе се обидам да ја сменам. Луѓето кои што работат во Казнено-поправни домови имаат различна плата од останатите, тука најверојатно ќе се побара форма и за Затворот Скопје, изјави Пандов.
Во делот на здравствената заштита, според Пандов, законски стоиме добро, но она што не е во ред, е што има мал број здравствени работници во затворите.
-Бараме од Министерство за здравство да најдат вработени кои што ќе работат во затворите, за жал моменталната состојба е многу лоша. Ако ги мериме, еден здравствен работник на бројот на осуденици, тоа мислам деке е една од ретките земји сме во светот каде што има толку мал број здравствени работници во затворите. Кај нив е направена стимулација да има плус 30 проценти додаток на ризик, меѓутоа веројатно тоа повторно не е доволна стимулација за луѓето да се вработуваат, изјави Пандов.
Во однос на образованието, Пандов, посочи дека веќе има разговарано со Државната секретарка и со министерката за образование, и верува дека за многу краток период ќе се направат првите работи.
-Првично во Воспитно-поправниот дом Волквија, а подоцна и во сите останати затвори да овозможиме на затворениците да имаат образование, изјави Пандов.
Пандов, во рамки на дебатата, изнесе и свои видувања, дека се зацврстува статусот на интервентната единица и единицата за затворски разузнавање.
-Мислам дека ќе биде од огромна помош за нас. Има таква единица во затворот Идризово и ќе гледам во следниот период да биде подобро формирана и технички опремена. Верувам дека не само што ќе добиеме информации, туку ќе се зголеми и безбедноста во затворите, изјави Пандов.
Професорката Гордана Лажетиќ, која е претседателка на работната група за подготовка на предлог измените на Законот за извршување на санкциите, рече дека извршувањето на санкциите е исклучително важна фаза, финале на кривичната постапка и наша главна задача е да го унапредиме и зајакнеме целиот систем и направиме поефективен со поголема отчетност и да се воведат одредби кои ќе значат олеснување и во делот на работа на судиите, и во делот на комуникација меѓу органите и секако усогласување со измените на проектот „Безбеден град“.
-Се прецизираат некои надлежности на Кривичниот совет, наспроти надлежноста на Судија на извршување на санкции. Понатаму, се внесоа измени во делот на санкциите и прекшоците од аспект на „Безбеден град“, како ќе оди извршувањето на тие санкции. Одложената примена ни е усогласена со тие примени. Посветивме големо внимание на правата на затворениците. Од аспект на образование, здравствена заштита, правото на работа и сето тоа е усогласено со измените во МОН и измените во делот на здравство, бидејќи извршувањето санкции мора да биде сублимат и усогласено со сите тие, односно положбата на осудените лица да биде на едно задоволително ниво. Посебно внимание се посвети и на обуката, на сите вработени и во Управата и во затворскиот систем, затоа што зголемување на компетенции и понатамошно запознавање со европски стандарди е нешто што е континуиран процес. Акцент се стави на континуираната обука, носење посебна годишна програма, секако сето тоа во координација и знаење со директорите на затворите, кои знаат што потреби имаат во секоја една установа, изјави Лажетиќ.
Според Лажетиќ за многу прашања било дискутирано, меѓутоа се уште не е моментот тоа да биде инкорпорирано во законот, затоа што барапосистемско решение, како што се економиите во затворите, дали и како да бидат самоодржливи.
Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите беше објавен на ЕНЕР и по завршување на јавната дебата и пристигнатите мислења Работната група ќе направи финални предлог законски решенија. Со Законот за извршување на санкциите се уредува извршувањето на санкциите изречени за кривични делa и прекршоци.