Леден бран и бури низ Европа – температури од – 44 степени Целзиусови


По благиот почеток на зимата, Европа ја зафати студен бран, кој викендов ќе стигне и до Балканот.

Се очекува дека температурите ќе паднат под просекот за овој период од годината насекаде, од Велика Британија до Франција и Германија. Температурите во Лондон во текот на ноќта би можеле да се спуштат под нулата до понеделник, додека за Берлин се прогнозира ниски од -7 степени Целзиусови. Промената на ледено, но постабилно време може да ги оптовари енергетските системи низ Европа, пишува Блумберг.

„Поладни услови наскоро ќе се шират низ Европа, а температурите ќе опаѓаат постојано на крајот на оваа и следната недела“, рече Ендрју Педрини, метеоролог во Atmospheric G2.

Најниски температури во последните 25 години
Во Скандинавија, ледените услови, кои веќе донесоа најниски јануарски температури во последните 25 години во северна Шведска, ќе се прошират кон југ. Во некои области, возовите и автобуските превозници го прекинаа сообраќајот затоа што не можат да ризикуваат луѓето да останат заглавени на големиот студ. Шведската армија беше повикана да им помогне на возачите за ослободување кога повеќе од 1.000 автомобили беа заробени во обилниот снег во вторникот вечерта.

Во источна Финска, цените на електричната енергија се на рекордно високо ниво, а мрежниот оператор Fingrid Oyj рече дека ќе го зголеми режимот на подготвеност бидејќи студеното време предизвика исклучително висока побарувачка. Компанијата претходно побара од потрошувачите да ја закажат потрошувачката на електрична енергија надвор од утринските и вечерните часови.

Во средата навечер најсеверната метеоролошка станица на Шведскиот метеоролошки и хидролошки завод во општина Кируна, на крајниот север од земјата, забележа температура од -43,8 степени. Во четвртокот вечерта неколку станици забележаа температури под -40 Целзиусови степени. На почетокот на неделава метеоролошката станица Квикјокк во општина Јокмокк забележа -43,6 степени. Тоа беше најниската температура на таа метеоролошка станица од почетокот на мерењата во 1888 година.

И на крајниот северо-запад на Финска, температурите во Енотекио во средината на неделата паднаа на -42,4, а потоа и на -44,3 степени Целзиусови. Ова е најниската температура измерена на тоа подрачје во последните 25 години.

Иако температурите низ нордиските земји ќе се вратат речиси во нормала на почетокот на следната недела, овој одмор ќе трае само неколку дена, најавуваат од Bixia AB.

Западна Европа се бори со поплави
По обилните дождови, земјите од Западна Европа се борат со поплави. Во Велика Британија водата продрела во повеќе од илјада куќи. Излеаните реки предизвикуваат проблеми и во Германија, Белгија и Франција.

Големите реки низ Велика Британија се излеаја од коритата по обилните дождови, што ја натера владата да издаде повеќе од 300 предупредувања за поплави, а туристичките оператори објавија сериозни прекини. Досега се оштетени околу 1.000 домови.

Серијата бури во последните недели значеше продолжени врнежи од дожд, кои почнаа да паѓаат на заситена почва во четвртокот и брзо предизвикаа веќе надојдените реки да се излеат од коритата низ Англија и Велс.

Невремето во последните денови предизвика поплави и во други делови на Европа. На северот на Франција водата се повлекува во некои куќи и се открива степенот на штетата. Во Германија се прават водени бариери, а во Белгија по поплавите бурните ветрови создаваат проблеми.