ЛДП: Владата делува неподготвено околу поскапувањата на горивата
ЛДП од надлежните бара итна и ефикасна реакција по последната одлука на Регулаторна комисија за енергетика за поскапување на нафтата и нафтените деривати, со цел олеснување на товарот на џебовите на граѓаните, се вели во соопштението од Либерално-демократската партиј.
„Воопшто не е изненадувачка одлуката на РКЕ, со оглед на случувањата на Блискиот Исток и воената интервенција во Иран, која ги зафати и соседните земји. Изненадува фактот што владата делува целосно неподготвено, иако пред само десеттина дена нѐ убедуваа дека „нема опасност“ по државата. Додека барелот сирова нафта на светските берзи веќе надминува 100 долари, апелираме до Владата, Министерството за енергетика и останатите надлежни државни институции да излезат во пресрет и да им помогнат на граѓаните.
Доколку навистина се грижат како што велат и активно ја следат состојбата, очекуваме во наредните денови конкретни мерки и чекори за олеснување на ценовниот шок на јавноста, особено во време на висока инфлација и секојдневно зголемување на цените. Од Владата за почеток бараме итно привремено намалување на акцизата за увоз на горива уште во наредните денови и воведување на други мерки и субвенции, за вистински навремено да се реагира и да се намали дополнителниот ценовен шок на граѓаните“, порачуваат од ЛДП.