ЛДП поднесе тужба против МОН за студентскиот оброк
Либерално-демократската партија (ЛДП) поднесе тужба во Управниот суд против Министерството за образование и наука поради недонесување управен акт за усогласување на субвенционираниот студентски оброк за 2026 година.
Партијата ги изнесува фактите за тужбата: Во 2023 година инфлацијата изнесувала 9,4 отсто, во 2024 година 3,5, а во 2025 година 4,1 отсто. Но, и покрај законската обврска за усогласување, студентите и понатаму добиваат само 140 денари. Со пресметаното усогласување, за студентскиот оброк во 2026 година треба да се исплатува 17% повеќе.
„Бидејќи вие не го спроведувате законот, ние ќе ја истераме правдата. Почнуваме со тужба до Управниот суд за поведување на управен спор за непочитување на законот, по што ќе следи Иницијатива за оценка на законитоста на исплатата на студентскиот оброк. Ако има пари за Фетаи и разно-разни глупости, ќе имате пари и за студентите. А законот мора да се спроведе!“, изјави претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.