ДС и ЛДП предложија, а ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи една изборна единица


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите за предлогот на ЛДП истакна дека пратеничката група на ВМРО -ДПМНЕ ќе поддржи предлог за една изборна единица со право да гласа и дијаспората.

-Да го видам законот. Инаку, ако принципиелно заборуваме за една изборна единица, јас тоа го кажав и во Парламентот, бидејќи беше поставено пратеничко прашање дека ние со Законот за локална самоуправа ја игнорираме дијаспората итн. Јас еве дадов предлог да имаме една изборна единица со можност да гласа и дијаспората онаму каде што законите и Уставот на државите дозволуваат тоа да биде и надвор од дипломатско-конзуларните претставништва. Јас тоа го кажав. Онаму каде што не дозволува во рамки на дипломатско-конзуларните претставништва, се сеќавам беше и тема на партиски дијалог пред неколку години но за жал не се успеа тогаш да се направи поради тоа што не бевме подготвени. Но принципиелно како ВМРО-ДПМНЕ реков и еве ќе повторам пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ние ќе поддржиме една изборна единица во која што право ќе имаат да гласа и дијаспората, бидејќи беше адресирано така што ние како Влада некое право оспоруваме, а тоа беше правото на дијаспората да гласа. Тоа беше мојот одговор, да бидеме прецизни, рече Мицкоски пред почетокот на свечената академија по повод 80 години од постоењето на Државниот завод за статистика

Тој потенцира не гледа причина зошто ова да не се случи до следните парламентарни избори доколку се направат подготвки на дипломатско-конзуларните претставништва.

-Сега до следните можеби локални избори во ред ќе си завршат сега, но до следните парламентарни избори имаме неколку години, така што еве ако навреме си ја фатиме работата можеме да ги подготвиме и дипломатско-конзуларните претставништва итн. Не гледам причина зошто тоа да не се случи, рече Мицкоски.

Прашан дали за оваа идеја има консензус, премиерот нагласи дека нема политичка дебата за да се бара компромис и консензус.

-Јас не сум отпочнал политичка агенда за да барам консензус на оваа тема, бидејќи како што вашиот колега го постави прашањето тоа е предлог на друга политичка партија. Јас својот став го кажав како одговор на прашање од страна на пратеник и тоа е тоа. Досега не сме седнале да разговара со никого на оваа тема. Инаку немаме политичка дебата, ниту пак некаква наша политичка агенда да седнеме, да разговараме, да бараме компромис и консензус, рече Мицкоски.

Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, денеска до Парламентот, го достави Предлог -Законот за измени на Изборниот законик со кој се предлага Македонија да биде една изборна единица.

-Ваквите измени ќе значат силен поттик на демократизација на изборниот процес и на државата во целина, како и демонтажа на „еднопартискиот систем“ на владеење и зголемување на одговорноста на извршната и законодавната власт, вели Трајанов.

Во процесот на носење на круцијални одлуки, додава тој, ќе бидат вклучени повеќе партии и ќе јакне законодавна контрола над извршната власт.

-Со измените, зад секој пратеник ќе стојат ист број на гласачи ,а не како досега во изборна единица шест пратеник да се бира со 6 300 гласа, а во изборна единица три, со 10 илјади гласа. Предлагаме да остане пропорционалниот модел, без изборен праг ,а пратениците да се пресметуваат по Донтовиот модел. Со предлогот се овозможува и самостоен настап на партиите од помалите етнички заедници и се гарантираат места во Парламентот доколку имат поддршка од гласачи потребни за пратеник, истакнува лидерот на ДС.

Во врска со идејата за отворени листи тој укажа дека таа се уште не е добро проучена, а искуствата во другите држави покажале многу слабости.

-Предлагаме на претстојните локални избори да се почне со отворени листи за советници само во неколку општини (Центар, Струга и Гевгелија), напомена Трајанов.

Според него, предлог законот за измена на изборниот законик, можат пратениците да го дополнат и со забелешките на ОБСЕ И ОДИХР.

Демократскиот сојуз, нагласуваат од партијата, повеќе од 15 години ја актуализира потребата од коренити измени на изборните правила, идеја која има и огромна граѓанска поддршка, но досега оваа заложба беше блокирана со флоскулата „општ консензус“. Последниот обид (предлог поднесен во 2022 година ) за Македонија да биде една изборна единица беше блокиран од СДСМ и ДУИ. 

И од ЛДП најавија дека денеска ќе поднесат предлог за воведување на една изборна единица, во којшто ќе бидат вклучени и предлозите доставени за независни листи. Демократскиот сојуз, пак, во петокот најави дека во текот на неделава до Парламентот ќе го достави Предлог-законот за измена на Изборниот законик, кој пратениците можат да го дополнат и со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР. Поддршка за една изборна единица дадоа и ТПХ и ДОМ.

Портпаролот на партијата Љубен Аврамовски вчера изјави дека ЛДП дава силна поддршка за воведување на една изборна единица, отворени листи, како и вклучување на предлозите од граѓанскиот сектор за независни листи во креирање на новиот Изборен законик. Потсети дека ова не е нова иницијатива за ЛДП, но за жал, тогаш тие иницијативи не добија поддршка.

-Како прва политичка партија која јавно ја поддржа оваа идеја, уште еднаш ја нагласуваме потребата од праведен и транспарентен изборен модел, кој ќе обезбеди еднаквост на гласот и директно на граѓаните во изборот на нивните претставници. Цврсто веруваме дека оваа промена ќе донесе поголема транспарентност, поголема одговорност на избраните претставници, како и посилна демократија во нашата земја, рече Аврамовски.