ЛДП го поздрави намалувањето на трошоците за банкарски услуги: Граѓаните не се банкомат!


 Либерално-демократската партија (ЛДП) го поздрави  намалувањето на тарифниците за банкарски услуги, што според нив произлегува од нивната кампања „Твоја сметка – твои пари“ и јавниот притисок во интерес на граѓаните.

-Сметаме дека ова е важен и исправен чекор напред, кој покажува дека кога институциите имаат слух, а политиката се води во служба на граѓанинот, резултатите не изостануваат. Го охрабруваме гувернерот на Народната банка да продолжи со реформскиот курс и уште похрабро да застане зад иницијативите за укинување на низа неосновани банкарски надоместоци и провизии што постојат само во нашата земја, а се непознати во модерните европски банкарски системи.

Македонските граѓани и понатаму плаќаат провизии за затворање на сметки, за проверка на состојба, за повлекување пари од друг банкомат, за онлајн плаќања и електронски пристап – трошоци кои во најголем дел од земјите членки на Европската Унија се укинати или се сведени на минимум. Време е оваа неправда да престане.

Во таа насока, ЛДП три пати поднесе измени на Законот за платежни услуги и платни системи до Собранието на Република Северна Македонија. Предложените измени предвидуваат укинување на банкарски надоместоци за кои нема никаква реална основа и кои само дополнително го оптоваруваат животниот стандард на граѓаните.

Ова не е партиска иницијатива. Ова е иницијатива во име на граѓаните, кои секојдневно се соочуваат со скриени трошоци и банкарски правила што ја немаат својата оправданост во 21 век. Очекуваме сите пратеници, без оглед на политичката припадност, конечно да застанат зад граѓанскиот интерес и да дадат поддршка на измените.

Банките не смеат да бидат заштитени зони на профит на сметка на граѓанинот. Потребна ни е регулатива која ќе обезбеди заштита, транспарентност, правичност и пристапност во банкарските услуги. Граѓаните не се банкомати. Тие се работници, пензионери, млади, семејства – кои имаат право на фер банкарски третман.

ЛДП ќе продолжи со оваа борба, ќе го поддржи секој чекор кој оди во корист на граѓаните и ќе инсистира промените да се применат кај сите банки, без разлика на нивната големина, како и истата да е трајна, а не предмет на злоупотреби и изигрувања. Македонија има шанса да го модернизира својот банкарски систем и конечно да се доближи до стандардите што важат за сите граѓани на Европа. Време е да ја искористиме таа шанса, стои во реакцијата на ЛДП.