Лавров ќе убива Украинци, па ќе лета за Женева да зборува за човекови права

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по масовните убивања во Украина, најслободно ќе лета за Женева на 28 февруари, за да им држи говор на западните лидери за човековите права. Ова тој го најави на неговиот твитер профил.
Тој ќе учествува на седница на Советот за човекови права на ОН и ќе зборува на конференцијата за разоружување, бидејќи руските „мировници“ делат цвеќе во Киев денес.
Во твитот дополнително се наведува дека плановите на Лавров се да разговара со високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Бачелет „и со други странски колеги“. Со оглед на тоа дека од ЕУ му се заканија дека ќе му го замрзнат џепарецот, т.е. сметките што ги нема во ЕУ, може ќе треба и да му платат ручек додека е таму.
„Нападот на Русија врз градинка и сиропиталиште е воено злосторство и кршење на Римскиот статут“, му напиша пред да тргне шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба.
„Овие и другите податоци се собрани во Државното обвинителство и веднаш ќе бидат испратени во Хаг. Одговорноста е неизбежна“, напиша Кулеба.