Латвија не се колеба околу преговорите на ЕУ со Македонија


 
По латвискиот парламент, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, денес во Рига оствари средба со домаќинот, министерот за надворешни работи на Латвија, Едгарс Ринкевичс. 
 
Во контекст на поддршката за пристапување во ЕУ што пријателска Латвија во континуитет ја изразува кон Северна Македонија и подготвеноста за споделување на сопственото искуство од процесот, вицепремиерот Димитров нагласи дека политиката на проширување претставува најважната алатка на надворешната политика на ЕУ за промовирање на мир, стабилност и просперитет  на европскиот континент. 
 
Соговорниците се согласија дека е потребно заокружување на процесот за комплетирање на Европа преку интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, за што Северна Македонија ги исполни сите барања за старт на пристапните преговори со Унијата. 
 
Во тој контекст, Димитров посочи дека Северна Македонија продолжува одлучно да ги спроведува реформските активности за реализирање на европската агенда, поради што е неопходно новата методологија за пристапни преговори, што воведува построги правила и зајакната условеност во клучните области, да биде операционализирана во евроинтегративниот процес на земјата, преку одржување на првата меѓувладина конференција со Унијата.
 
Министерот Ринкевичс ја потврди латвиската цврста и непоколеблива поддршка на европската перспектива на Северна Македонија, потенцирајќи ја важноста на отпочнување на преговорите со Унијата, што поскоро.  Тој изрази надеж дека токму нашата земја ќе биде 28та земја членка на Унијата.