Лара Станчева од Скопје победи на изборот за Топ модел интернационал во Монте Карло


Лара Станчева од Скопје победи на изборот за Топ модел интернационал, кој се одржа во Монте Карло. Таа има 15 години и е ученичка во средното училиште „Георги Димитров“ во Скопје.

Младата скопјанка, која е членка на модното студио „Црнокрак“, победи во конкуренција со 59 девојки од целиот свет.
 

 

„Првично од преку 10.000 кандидатки, пријавени онлајн од целиот свет, се избраа 5.000 од 35 националности, кои беа на кастинг во повеќе градови во Европа. На кастингот во Париз, Лара беше избрана за полуфиналето во Брисел, заедно со 450 кандидатки. И таму Лара одлично се претстави и влезе во финалето, меѓу најдобрите 117 девојки, од кои 58 во конкуренција на модели и 59 на фотомодели. Финалето се одржа во салата ‘Спортинг’ во Монте Карло, а Лара Станчева победи во конкуренција на фотомодели“, вели модниот менаџер Мики Црнокрак.

Во машка конкуренција победи претставникот на Белгија, а Македонија ја претставуваше Димитар Димоски, кој имал најголем број гласови од телефонското гласање и за награда освои фотосесија во Сен Тропе.

„За победата, Лара доби учество во два големи проекти, две големи кампањи за светски познати модни брендови. Снимањата ќе бидат во наредниов период во Маракеш во Мароко и на Малдиви“, додава Црнокрак.