Ланските субвенции за велосипеди ќе се исплтат наскоро, уверува Ѓорѓиевски


Фото: Б. Грданоски

Скопјани кои аплицираа на јавниот повик на Град Скопје за субвенции за нов велосипед објавен уште во јуни минатата година, девет месеци потоа се уште ја чекаат исплатата на субвенциите.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, на денешната седница на советнички прашања, објасни дека исплатата ќе биде во наредниот период, затоа што во изминатите месеци се соочиле со два проблеми во однос на овие субвенции. Најпрво, како што тврди, постапката не била спроведена како што треба, имало 200 апликанти, а недоволно средства за исплата за да се исполни таргетот.

– Втор посериозен проблем е што се потпишани решенија од прво до 30, потоа имаме празен простор до 70-то, па имаме повторно последните 30-40 тина пак потпишани. Не знам од кои причини така се постапило, не знам зошто не се запазил редоследот. Што одлучивме ние? Ние имаме во овој буџет средства за исплата на субвенциите. За да нема неправда кај граѓаните, сите субвенции ќе ги исплатиме во наредните неколку дена, но дополнително ќе побарам поддршка од вас за да можеме нов повик да спроведеме оваа година, да направиме ребаланс во буџетот и да ставиме дополнителна стапка. Тоа ќе го направиме во наредниот период. Значи да бидам прецизен, не предвиделе доволно средства колку што кажале дека ќе има исплата, од втора страна не е запазен принципот „прв дојден – прв услужен“, рече градоначалникот.

Ова, како што тврди, се однесува и на субвенциите што ги доделува Градот за чистење оџаци, кои исто така не се исплатени за минатата година.

Јавниот повик на Град Скопје за доделување на финансиски средства на граѓаните што живеат на подрачјето на Град Скопје, наменети за субвенционирање дел од трошоците направени при купување нов велосипед во текот на 2025 година, беше распишан лани во јуни и како што беше најавено требаше да се субвенционираат средства во максимален износ од 5.000 денари по лице, во кој е вклучен и данокот на личен доход.

За таа намена во Буџетот на Град Скопје за 2025 година, беа предвидени 3.000.000 денари.

Досега од овие три милиони денари на граѓаните не им е исплатен ниту денар.