Лајен предложи план што ќе ги удвои економиите во Западен Балкан

Според предложениот инвестициски пакет од шест милијарди евра, две милијарди се во грантови, а четири во форма на заеми


Завршната прес-конференција на самитот во Тирана

 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен,  на самитот на Берлинскиот процес  го претставила новиот план за раст на Западен Балкан, кој според неа – има потенцијал да ја удвои големината на економиите во регионот во оваа деценија. Фон дер Лајен рече дека предложила пакет од шест милијарди евра, чија реализација ќе зависи од спроведувањето на реформите.

„Ова беше многу успешен самит, но неопходно е дополнително да се доближат нашите економии и да се забрзаат реформите во процесот на пристапување во ЕУ. Затоа на лидерите им претставив нов план за раст, кој, доколку се спроведе, има потенцијал да ја удвои големината на економиите од Западен Балкан во оваа деценија“, рече фон дер Лајен.

На заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц и албанскиот премиер Еди Рама, Фон дер Лајен изјави дека новиот план за раст на Западен Балкан има четири столба – воведување на Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ, воспоставување на единствен регионален пазар на Западен Балкан, реформи и инвестиции.

„Првиот столб е воведувањето на Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ. Ова всушност ја отвора вратата за единствениот пазар на ЕУ за компаниите од Западен Балкан во седум клучни области, вклучувајќи ја царинската соработка, е-трговија, безготовинско плаќање, роаминг“, рече Фон дер Лајен.

Таа наведе дека вториот столб подразбира оти субјектите од Западен Балкан мора да завршат со формирање на единствен регионален пазар, со што, според неа, би се зголемил бруто домашниот производ на регионот за 10 проценти.

„Третиот столб се реформите, кои исто така се неопходни за влез на Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ и кои би го доближиле регионот до членство во Унијата и би го направиле поатрактивен за европските инвеститори. Денес, економиите на Западен Балкан се на 35 проценти од просекот на ЕУ и ни претстои многу работа“, додаде таа.

Четвртиот столб, според Фон дер Лајен, повлекува зголемени распределби на ЕУ за Западен Балкан, под услов шесте ентитети од тој регион да ги спроведат потребните реформи.

„Предложивме инвестициски пакет од шест милијарди евра, од кои две милијарди се во грантови, а четири во форма на заеми. Средствата ќе се насочат доколку се спроведат реформите“, изјави таа.

Германскиот канцелар Шолц ги повика шестемина од Западен Балкан да се „обучат“ за влез во ЕУ, наведувајќи дека ентитетите мора поблиску да соработуваат за да се постигне оваа цел.

„Нема пат кој би водел минатата регионална соработка и трајно решавање на конфликтите, кои траат предолго. Иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Тоа ветување важи, а важи и денес повеќе од кога било“, рече Шолц.

Тој, исто така, изјави дека „секоја земја во регионот што претендира да се приклучи на ЕУ ја држи брзината на тој процес во свои раце“ и посочи дека неодамна „имаше некои назадувања“, наведувајќи го како пример неодамнешниот напад од вооружен група Срби на косовската полиција. „Го осудуваме тоа најостро“, рече Шолц.

Тој најави и климатско партнерство со Западен Балкан, велејќи дека до 2030 година Германија ќе помогне во борбата против климатските промени и ќе користи обновлива енергија во регионот со околу 1,5 милијарди евра. Дополнително, германската влада ќе обезбеди 73 милиони евра за нова програма за обновлива енергија во Албанија.

Албанскиот премиер Рама рече дека самитот се одржа во „вистинско чувство на пријателство“ и изрази благодарност до Шолц и Фон дер Лајен за сè што прават за да ги зближат регионот и ЕУ.

„Со оглед на последователните кризи, од кои последната е војната меѓу Израел и Хамас, предизвиците со кои се соочуваме заедно се огромни, но тие го зајакнаа нашето пријателство, соработка и чувството за заедница“, рече Рама.