Лагард: Договорот на ЕУ можеше да биде подобар
Историскиот договор на Европската унија за распределување 750 милијарди евра за помош на послабите економии на Унијата полесно да се справат од пандемијата на коронавирусот „можеше да биде и подобар“, рече претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
Според договорот, усвоен во вторникот по тешки преговори, Европската комисија треба да исплати 390 милијарди субвенции и 360 во поволни заеми на земјите-членки, согласно критериуми што вклучуваат стапка на невработеност во последните години, а подоцна и економска штета предизвикана од пандемијата.
Но, Лагард се покажа како редок критичар на договорот соопштувајќи дека ќе беше посреќна со повеќе субвенции место заеми, каков што беше првичниот предлог на Комисијата, што се измени за да се убедат фискално штедливите земји, како Холандија, јавија британските медиуми.
-Можеше да биде подобро, но тоа беше многу амбициозен проект, рече Лагард во интервјуто за „Вашингтон пост“.
Во текот на викендот, Лагард изјави дека лидерите на ЕУ треба да се договорат за пакетот што е во согласност со предлогот на Комисијата, кој требаше да обезбеди 500 милијарди евра субвенции, иако ќе биде потребно подолго време за да се постигне договор.