Лафчински не ги коментира обвинувањата дека незаконски стана началник на Генералштаб


Новоименуваниот началник на генералштабот на Армијата,генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска не сакаше да ги коментира реакциите за неговото именување со порака дека „не сака да коментира укази и наредби кои се во согласност со законот“.Лафчиски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање во врска со предметот што Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) неодамна го отвори за неговото назначување на функцијата, по поднесена претставка.

За тоа дали бил исконтакиран од ДКСК, Лафчиски директно одговори – „не“ и појасни дека тоа е во надлежност на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.   

„Пред сè, јас сум војник, гледате дека носам униформа, тука сум пред сè да командувам и да раководам со Армијата и да ѝ служам на Македонија. Не би коментирал никакви наредби, никакви укази од страна на претседателката, а најмалку би коментирал укази и наредби кои се согласно со закон“,рече Лафчиски.

Надоврзувајќи се на Лафчиски, свој коментар даде и министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој изрази уверување дека во случајот со новиот началник на Генералштабот на Армијата сè е согласно закон и согласно сите прописи.Тој потврди дека до Министерството стигнал допис од Антикорупциска во врска со претстваката и дека ќе биде одговорено во најбрз можен рок.

„Да, стигната е претставка, односно барање од ДКСК, ќе биде одговорено во најбрз можен рок од страна на Министерството и, се разбира, од страна на началникот, односно Генералштабот. Претпоставувам дека, исто така, има доставено и до претседателката, така што сите заеднички ќе одговориме, но јас сакам сите да ве уверам дека е согласно закон и согласно сите прописи“,рече Мисајловски.

Дилема за законитоста на вонредното унапредување отвора четвртиот услов од член 61 став 2 кој вели дека офицерот мора да биде „предлог на два кадровски совети на ниво бригада или повисоко“.Јавно не е достапна информација дали и кога Лафчиски бил предлог на „два кадровски совети на ниво на бригада или повисоко“.Вонредното унапредување на Лафчиски во генерал-мајор, пак, е клучен предуслов за тој да биде поставен за началник на Генералштабот на Армијата.Во актот за формација што го донесува шефот на државата е предвидено дека за началник на Генералштабот може да биде поставен офицер со чин генерал-потполковник односно генерал. Правилата велат дека на позицијата може да дојде и некој со едно скалило понизок чин (генерал-мајор) под услов да биде унапреден во наредниот чин штом за тоа се создадат законски услови.
Тоа значи дека Сашко Лафчиски не би можел да стане началник на ГШ ако не бил унапреден во генерал-мајор, а не би можел да биде унапреден во генерал-мајор ако не бил предлог на „два кадровски совети на ниво на бригада или повисоко“.

Лафчиски официјално стана началник на Генералштабот на АРСМ на 18 август, кога на свеченоста во Охрид по повод Денот на Армијата го развиори знамето што ја симболизира функцијата, а кое му го предаде претседателката Сиљановска-Давкова. Само неколку часа подоцна од Алијанса за Албанците на Зијадин Села излегоа со реакција во која го проблематизираа неговото назначување велејќи дека тој неправедно и незаконски го зазел местото што требало да му припадне на офицер Албанец.Потпретседателот на партијата и поранешен министер за правда Кренар Лога наведе дека Лафчиски не ги исполнува условите за оваа позиција, односно дека бил четири нивоа под стандардите кои се бараат за началник на Генералштабот.