„Лада“ со подароци во акција „Среќна Нова година Скопје“


Центарот за современи уметности деновиве организира предновогодишна уметничко-креативна акција „Среќна Нова година Скопје“ во која на ранливите категории деца на улица им се делат новогодишни пакетчиња и други подароци.

Организаторите на акцијата со новогодишно украсен автомобил „лада“ поминуваат низ градот со цел да ги изненадат и насмеат скопјани, но и да ги израдуваат децата на улица за, како што велат, и тие барем малку да ја почувствуваат новогодишната магија.

Децата кои не се од ранливи категории и кои под своите елки веќе имаат мноштво подароци и пакетчиња, добиваат примерок од „Девојчето со кибритчиња“, за преку оваа тажна приказна од Ханс Кристијан Андерсен да се поттикне нивната хуманост и солидарност да делат со своите врсниции и другарчиња кои немаат доволно.

-Инспирација за оваа акција е годинашново, но и со години наназад, никакво, кич, некреативно и летаргично украсување на градот и јавните простори по општините и маалата, соопшти Центарот за современи уметности кој ја организира акцијата.

Таа почна вчера и ќе трае денеска и утре со финансиска поддршка Фондацијата Отворено општество – Македонија.