Некои идеа на кандидатите за градоначалници најдобро е да не се остварат, е впечатокот од се што може да се слушне како ветување деновиве, во обид да се освои позицијата.
По најавата дека од кејот на Вардар ќе се прави кафеана, сега на удар е и Водно, од кое кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, сака да направи град. Имено денес тој го промовираше проектот „Сјајна Патека“ во Дебар Маало, иницијатива наводно на младите активисти и љубители на Водно од Скопје, која предвидува осветлување на планината за да може рекреативците да се движат низ него – и кога е мрак.
Практично, откако врвот на Водно е опасно нападнат од кафеански амбиции, сега се најавува и полесен пристап до нив, што е закана за птиците и животните кои навечер спијат и не се забавуваат! Ваквата ниска еколошка свест во нашата држава просто е фрапантна и ја нема и во Африка, каде што нема држава што ги напаѓа областите што се последни живеалишта на животните и птиците, напротив навечер забранува пристап.
Според оваа идеја на Лабудовиќ негова обврска е да создаде „услови каде младите ќе можат да се движат слободно, безбедно и инспирирано“, покрај цел град што им е на располагање, покрај кеј и градски парк.
“Сјајна Патека”е токму за нив, за иднината што мора да се осветли“ – истакна Лабудовиќ.
Според него, има потреба од уредување на пешачките патеки на Водно со современо и еколошко осветлување, кое ќе го продолжи и зајакне користењето на ова подрачје дури и по зајдисонце.
„Водно не смее да згасне штом зајде сонцето. “Сјајна Патека” не е само инфраструктурен проект, туку визија за град што се грижи за младите, за спортистите, за семејствата, за секој граѓанин. Ова е проект со кој покажуваме дека знаеме да слушаме и знаеме да делуваме“ – додаде тој.
Лабудовиќ посочи дека недостатокот на осветлување претставува сериозен урбан предизвик кој директно влијае врз безбедноста, достапноста и квалитетот на јавниот простор:
„Луѓето го избегнуваат Водно по мрак. Тоа е изгубена можност за рекреација, за здрава навика, за споделено време со најблиските. Со овој проект сакаме да им го вратиме Водно на граѓаните, осветлено, безбедно и достапно“, рече тој, нешто што се случува и со Градскиот парк кој има толку дискотеки и ресторани со гласна музика што животните во Зоолошката градина трпат невиден ноќен терор.
Според предлогот на кандидатот на ЗНАМ, проектот предвидувал инсталирање на енергетски ефикасни, автоматизирани светилки кои се прилагодуваат на природната средина, без да ја нарушат екосистемската рамнотежа на парк-шумата. Реално ова е само чекор понапред во натамошна урбанизација на Водно кое половина е нападнато од згради, поради што рекреативниците поради ваквите проекти почнаа да го избегнуваат.