Кумановските чевларски компании бараат поддршка за раст на производството


Чевларските компании од Куманово бараат да продолжи поддршката од државата за да го поминат кризниот период. Тие се надеваат дека ќе влезат во петтиот пакет економски мерки со кои е предвидена поддршка. Индустријата која генерира близу 3.000 вработени од градот се соочуваше со колапс на почетокот од ширењето на пандемијата, поради поврзаноста на компаниите со државите кои беа првично погодени, Кина од каде набавуваат репроматеријали и Италија каде ги извезуваат полуготовите производи.

Според податоците на здружението на чевлари Куманово, состојбата и сега не е идеална, но надминати се најкрупните проблеми. Оттаму велат дека поддршката на државата им значела да ја надминат кризата, а се надеваат дека таа ќе продолжи и во овие месеци сè до пролетва кога очекуваат закрепнување. Од чевларското здружение „Куманово“ велат дека лани на почетокот од 2020 во април работеле само десет проценти од вкупниот број компании, сезоните биле прекратки, фирмите се соочиле со намалувањето на производството, дел од работниците кои биле под договор останале без работа извесен период и повторно биле ангажирани откако компаниите почнале со работа. Во оваа состојба на чевларските компании значително им помогнала владината поддршка за минимална плата. Во здружението има 40-тина фирми, но има и фирми кои не се членки на здружението. Во зима, компаниите произведуваат за летна сезона, но во Италија се беше затворено и имале помалку нарачки.

– И после година дена сè уште е тешко. Бевме најзагрозен сектор, поради поврзаноста со Италија и Кина. Нашите италијански партнери уште ги чуствуваат последиците, а тоа се рефлектира и кај нас. Лани сезоната знаете како почна. Некои колеги воопшто немаа работа, италијанските компании, поради кризата не ни пуштија работа за две сезони, сега сме во контакт со техничарите од Италија и таму помалите фирми не успеале да ја надминат кризата, а оние кои работат во моментов, работат со намалено производство. Ние најискрено се надеваме дека годинава малку ќе се поправи состојбата, очекуваме од пролет. Промената на сезоната и онака е тешка за нас, а особено сега во време на пандемија, вели претседателката на Здружението и сопственик на компанија „Де Марко“ од Куманово, Лидија Милановска.

Во овој момент продажбата се одвива преку агенти, бидејќи саеми не се одржуваат. Куманово стравуваше дека чевларските компании ќе се затворат на почетокот од пандемијата што ќе беше силен удар за локалната економија. Дел од фирмите не ја преживеаја ковид-кризата, особено помалите, некои од нив сè уште се во мирување. Оние компании кои затворија и кои многу тешко ја пребродија кризата не увезуваат од Италија, туку работат како потпроизводители за потребите на производителите од Куманово кои увезуваат од Италија. Поради намалениот капацитет за работа работеле само увозниците и големите брендови од Куманово кои имаат домашно производство.

– Имаме одлична соработка со компаниите од соседството, конкретно со Србија и кај нив е намалено производство, но италијанската фирма за која работиме седум компании од Куманово и покрај кризата нè не остави без работа. Многу сме благодарни, беа солидарни и ја поделија работата, изјави Милановска.

Таа објаснува дека државната помош преку пакетите мерки им дала волја да продолжат да работат во исклучително лошите моменти. Заедно со Стопанската комора издејствувале одредени услови да се променат, да се прилагодат на потребите на компаниите.

– Владата имаше слух и благодарни сме за поддршката, тие мерки ни дадоа волја за работа, да не се откажеме голем дел од фирмите сè уште работат. Се надеваме, очекуваме дека ќе бидеме опфатени во петтиот пакет мерки, бидејќи стравуваме за продолжување на работата, изјави Милановска.

Нејзиниот колега, Вилијам Бојковски и сопственик на компанијата „МИ-МАР“, вели дека поддршката што ја добиле од државата им помогнала да ја надминат ковид-кризата.

– Мерките имаа знаење за нас, конкретно за мојата компанија ги задржавме сите работници, особено мерката за минимална плата кои овозможија да се задржат работниците. Мојата фирма работи за италијанска компанија полупроизвод. Сепак кризата го направи своето, ако претходно произведувавме по 90 000 пара, сега сме сведени на само 30 000 пара, а тука се кирија, трошоци за кои се снаоѓаме. Нам ни е потребна поддршка за овие месеци и се надеваме дека  пакетот мерки ќе биде ист како и претходните. Стравуваме дали ќе има работа за да ги вратиме кредитите, вели Бојковски.

Кумановските чевларски компании се надеваат дека од пролет поради вакцинацијата, со почнувањето на нова сезона веќе ќе има зголемена побарувачка за обувки, а со тоа ќе почне да расте производството. Надеж им влеваат и нивните партнери од Италија.