Кумановецот Горан Стојменовиќ добитник на „технички“ Оскар, награда од Aмериканската академија за филмски уметности и науки
Кумановецот Горан Стојменовиќ и двајца негови колеги од белгиската фирма „Барко“ годинава ја добија наградата за лични заслуги во полето на наука и технологија за филмска продукција од академијата познати како „технички“ Оскари. Иако, не станува збор за класичен оскар, наградата е врвно признание што го доделува американската академија за филмски уметности и науки.
Академијата за филмски уметности и науки на 23 февруари годинава им оддаде признание со престижната научна и инженерска награда за нивниот придонес во дизајнот и развојот на ласерската проекција во кино.
– Свеченоста се одржа во Холивуд, во салата „Дејвид Гефен“ во музејот на Американската академија за филмски уметности и науки. Оваа свеченост е во сезоната на Оскари, ама сепак се одржува посебно. Бевме таму две недели пред официјалните Оскари. Академијата, доделува вакви награди секоја година, на основа на лични заслуги во полето на науката и технологија за филмска продукција, кои имаат трајно влијание во индустријата. По номинација од страна на трето лице, академијата врши истражување и разговори, пред да се одлучи кои номинирани ќе ја добијат наградата. Во наш случај, процесот траеше неколку месеци, објаснува Стојменовиќ.
Покрај него, наградата ја добиле и двајца негови колеги Ваутер Достерлинк и Петер Јансенс од фирмата „Барко“, за развој на ласерски проектор за проектирање на кино филмови. Овој проектор бил прв од таков вид во 2014-та.
– Наместо класична ксенон лампа, нашиот проектор користи црвени, зелени и сини ласери кои ја заменуваат светлината од лампата, и заедно произведуваат бела светлина која е потребна за проекција на слики на екранот. Корист од ваквата технологија е што може да се произведе двојно повеќе светлина. Тоа овозможува проекција во поголеми сали со повеќе посетители или пак посветла слика во 3Д. Покрај тоа, технологијата овозможува двојно пониска потрошувачка на електрична енергија, и значајно намалување на трошоци за одржување, вели Стојменовиќ.
Во тој период, Стојменовиќ работел како продукт-менаџер, бил задолжен за дефинирање на спецификации, донесување на технички одлуки, интеракција со првични клиенти итн. Во моментов е директор на развој и во неговата група има околу 35 инженери од разни струки (софтвер, механика, електроника, оптика), кои работат на целосен развој на нови видеопроектори, од нацрт шема до производство.
– Колегата Петер е научник, кој се занимава со фундаментални оптички проблеми и својства на ласерите. Тој веќе во 2007 започна со истражување, експерименти и прототипи на првични ласерски проектори. Колегата Ваутер беше главен инженер за целиот проектор, а јас бев задолжен за поставување на спецификации, носење на технички одлуки, промовирање на проекторот на технички семинари и саеми, и за воспоставување и одржување на врски со филмските студија во Холивуд, вели Стојменовиќ.
Кариерата ја почнал во компанијата во 2005 година, а работи во секторот видеопродукција од 2011-та. Завршил на природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, по што во 2001 запишал постдипломски студии докторат во Белгија. Планира да ја продолжи кариерата во компанијата и, како што вели, темите на кои работи се разновидни и за него се предизвик.
– Секогаш има развој на нова технологија, никогаш не е здодевно. На пример, сега се развива нов начин на кинопроекција кој мислам пред крајот на годината би требало да биде достапен на пазарот. Не можам во моментов да давам многу податоци ама во април, на саемот за кинотехника „Синемакон“ во Лас Вегас ќе се објават повеќе информации, вели тој.
Очекува интерес за соработка и со македонски продукции. Фирмата е насочена кон киносалите и дистрибутери на кино опрема, кои се големи интернационални фирми.
– На друга страна сме насочени кон големите холивудски студија и куќи за пост-продукција кои експериментираат со нова технологија. Се надевам дека во блиската иднина ќе се јави интерес за соработка и со македонски продукции, вели Стојменовиќ.