Културната елита во МСУ – изложена ретка слика на Барукело


Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска денеска го посети Музејот на современа уметност во Скопје (МСУ), каде беше изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело, по повод 60 години од постоење на институцијата.

Таа во своето обраќање посочи дека оваа уникатна колекција на творби е подарок од уметници од целиот свет, знак на солидарност за постземјотресно Скопје. Како што рече, МСУ е своевидна победа на уметноста во втората половина од 20 век.

-Денес имавме ексклузивна можност по 35 години, да го погледнеме уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело. МСУ е своевидна победа на уметноста во втората половина од 20 век, но и синоним за слободна уметничка мисла.

Посакувам уште многу години успешна работа, а на ентузијастите и професионалците од овој Музеј би им порачала да продолжат да водат со чисти и прогресивни идеи, рече Костадиновска Стојчевска.

Барукело ја собра културната елита денес напладне на матине во МСУ каде беше промовиран новиот број од списанието „Големото стакло“ и беше организирано стручно водење низ тековните музејски поставки, со кустос-водич Бојана Јанева.

„Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на МСУ, е конзервирано од стручниот тим на Музејот и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања“, соопшти МСУ.