Куклено-визуелна претстава „Во детската соба“ во Театарот за деца и младинци


Во Театарот за деца и младинци – Скопје денеска од 19 часот, ќе биде изведена куклено-визуелната претстава „Во детската соба“, во рамките на програмата на фестивалот „Скопско лето“.

Како што информираат од Театарот за деца и младинци, претставата е авторски проект на режисерката Милена Миланова од Бугарија и раскажува приказна за четворица чудни специјалисти вработени во компанијата ,,Kрени-носи”.

– Тие ја имаат способноста да раскажуваат спомени, скриени во кутии. Нивното мото е „Крени-носи, секогаш подготвени да помогнеме”. Тие имаат задача да ги пренесат кутиите од детската соба на едно мало дете-Саша. Кутиите не се обични, туку волшебни, магични. Во секоја од нив се крие по една приказна, еден детски спомен за пријателството. Со помош на мачката Ѕвездана, со песни, кукли и бои, нашите храбри крено-носачи ќе ни ја раскажат приказната за детството на малиот Саша. За неговата средба со малото глувче, со големата риба, за подароците, за патувањата со родителите, за соништата, мечтите, борбите и пријателствата на малиот Саша. „Во детската соба“ е претстава за едно дете кое учи да се поврзува и да другарува со останатите стои во описот на претставата.

Станува збор за куклена претстава работена по различни современи методи. Еден од нив е и методот за создавање визуелен театар и визуелна драматургија на Филип Женти и Мери Андервуд, француски режисери, кореографи, куклари со кои Миланова има соработувано во претходните години. Авторката, исто така, во претставата го користи и методот на театарот на материјалот.

Во претставата играат Ангела Димитрова, Ана Левајковиќ Бошков, Никола Наковски, Петар Стојанов, Катарина Илиевска Силјановска и Ненад Митевски.