Кучињата скитници станаа главна политичка тема во Битола откако беше искасано дете

Советничка од СДСМ гласачите на Коњановски ги спореди со кучето Хачико, кое верно го чекаше својот газда на железничка станица


Жаклина Наумовска, советничка од СДСМ

 

БИТОЛА – Последната несреќа кога глутница кучиња скитници искасаа малолетно дете во Битола, политичките партии во Советот на Општина Битола ја искористија за политички популизам на последната седница на Советот.

Нашироко ја отворија политичката дебата кој е виновен што нема прифатилиште за улични кучиња во Битола и ја изгласаа иницијативата да се врати шинтерската служба во Битола. Работата отиде дотаму што советничката на СДСМ, Жаклина Наумовска, ги спореди битолчани со кучето Хачико, синоним за најверното куче на светот, бидејќи и битолчани чекаат да се реализираат ветените проекти од власта, како што Хачико го чекал својот газда на железничката станица.

„Битолчани коишто сега, да, се Хачико, бидејќи ви ја дадоа и верноста и гласовите за да станете градоначалник, да го добиете лидерството во општината, чекаат, како што го чекал Хачико својот газда на железничката станица. Чекаат многу проекти кои ги ветивте на изборите“, рече Наумовска од советничката говорница. 

Проблемот со уличните кучиња во Битола станува сѐ подраматичен, а за тоа говорат и полициските извештаи каде од 1 мај досега имало над 30 случаи на каснати граѓани од кучиња скитници, а од нив добар дел се малолетни.

Иван Чулакоски од независната група „Поинаку“, потсети дека проблемот не е од вчера и дека наназад 6 години алармираат како советничка група да се реши проблемот за ситуација да не ескалира, што и се случи.

„Првото нешто што го побаравме во 2017 е решавање на проблемот со кучињата од тогашната градоначалничка. Ако тогаш нѐ послушавте и се залагавме здраво за решавање на овој проблем, денес немаше да стигнеме до овој степен со кучињата. Е, сега, ќе нѐ јадат кучињата“, рече Чулакоски. 

Советничката Наумовска му заблагодари на Чулакоски, што ги потсетил на минатото, „но затоа ние ги изгубивме изборите, а вие ги добивте… Ние сме сега опозиција, а ВМРО-ДПМНЕ се власт“, рече таа.

Бојан Бојкоски советник од ВМРО-ДПМНЕ оптимистички најави дека за десеттина дена ќе биде изградено прифатилиштето за бездомни кучиња во Битола, кое според него чини премногу, околу 1 милион евра.

„Систематски сакавме да пристапиме и да го решиме овој проблем. И да знаат граѓаните дека надворешниот дел на овој проект чини преку 70 илјади евра, ако се реконструира целото прифатилиште со внатрешниот дел ќе чини милион евра. И ако сме сложни и ако изгласаме милиони евра ќе дадеме за прифатилиштето за бездомни кучиња. Си има правила прописи кои се почитуваат за да биде нешто функционално. Вие мислите тап, одма прифатилиште ќе се направи“, рече Бојкоски. 

Претседателката на Советот Габриела Илиевска ги потсети советниците од ВМРО-ДПМНЕ дека го ветиле прифатилиштето и уште на почеток ја знаеле сумата која треба да ја вложат, а за возврат ја добиле поддршка од „Поинаку“.

„Ние кога прифативме соработка се ‘пазаревме’ со проекти и рековме ако нема реализација таа наша безрезервна поддршка застанува. Жал ми е што за година и пол нешто што можеше да биде реализирано не е направено…  Ова е алармантен проблем, она некни што се случи е трагедија, и она што секој ден се случува е одговорност на секој овде. Милион евра се ништо во споредба со животот на макар едно дете. Вие ги изгласавте ама сега ете многу биле“, рече Илиевска и доби честитки од Бојковски што 6 години инсистирала на решавање на проблемот со бездомните кучиња во градот, а сега ги бере политичките поени.

Градоначалникот Тони Коњановски преку медиумите сподели дека со неговото доаѓање во општината, во 2022 година за првпат се издвоени средства, спроведена е постапка и склучен е договор со фирма за заловување и третман на бездомните животни и е пристапено кон обезбедување соодветни услови за бездомните животни во прифатилиште, изградено од општината.

Тој смета дека враќање на шинтерската служба во ЈП „Комуналец“ е невозможно, затоа што за обезбедените услови потребно е да биде издадена дозвола од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, за што општината веќе се подготвува во новото прифатилиште, согласно законската регулатива и пропишаните стандарди.

Градоначалникот смета дека Општина Битола ги презема сите мерки за решавање на проблемот со бездомните кучиња и вели дека ситуациите од пред неколку дена со каснатите деца од кучиња, не смее да се злоупотребуваат за политички маркетинг.