Крушево затрупано со снег, паркираните автомобили оневозможија и отстранување на отпадот


Големите количини снег и паркираните автомобили во тесни улички денеска ја отежнаа работата на комуналците во Крушево кои го расчистуваа снегот, но на некои места не можеле да ги испразнат и контејнерите од отпад од истата причина.

Денес службите на „Комуна“ со две возила, ровокопач и трактор со плуг за снег и соларка, работеа на неколку тешко пристапни и тесни улици на расчистување на снег и одговор на барања и пријави на граѓани во Крушево.

Ваква состојба беше затекната на дел од улиците „Манчу Матак“ и „Благој Целев“ и во дел од Струнга маало. Тесните улици, големите количини на снег и паркираните автомобили беа причини снегот да се чисти со големи потешкотии, а теренот да биде исклучително небезбеден. Тука ги потенцираме деловите од чешмата на улица „Манчу Матак“ се до поврзување на улицата со „Благој Целев“ и од зградите до чешмата Струнга.

Вчера, во „Комуна“ добиле пријави и поплаки од граѓани кои најмногу се однесувале на неисчистени улици во маало Струнга.

– Сакаме да ги известиме овие граѓани дека пристапот за механизацијата на ЈП „Комуна“ Крушево е крајно небезбеден и нашите возачи заедно со вработени во претпријатието на терен се соочија со опасности кои можеа да доведат до оштетување на механизацијата и до повреди на лицата присутни на терен. Исто така, на овие неколку локации беше исклучително тешко да се чистат улиците со премногу паркирани возила и големи количини на снег – велат од претпријатието.

Меѓу другото, целта на оваа активност беше и да се обезбеди пристап до контејнери со цел денес во попладневните часови да се одведе насобраниот отпад. Сепак, пристапот на неколку локации може да биде отежнат и ги оневозможи службите да го одведат отпадот.

Во пресрет на викендот, ЈП „Комуна“ Крушево ќе работи на оспособување на паркинг. За таа цел апелираа до граѓаните наутро да ги отстранат своите возила од местото „Гумење“ за да може во текот на утрешниот ден да се обезбеди поголем паркинг. Овој апел се однесува на краткотрајно отстранување на автомобилите и другите возила.