Крушево е центар на алтернативниот туризам, еве зошто

Од 8 до 10 август 2025 година, Крушево повторно беше домаќин на еден од најпосетените и најразновидни аутдор фестивали во земјава – When in Krusevo. Ова, веќе традиционално летно случување, го привлече вниманието на илјадници посетители од Македонија и од странство, обединувајќи музика, спорт, култура и хуманост на едно место.
Во трите фестивалски дена, посетителите уживаа во тандем параглајдинг, велосипедски и планинарски тури, кајак и СУП возење на Крушевското езеро, музејска тура, кампинг, јавање на коњи, театарска претстава, пукање со ласерски пушки, качување на вештачка карпа, инклузивен настан и голем број игри за најмладите. Секоја вечер, музичката програма под отворено небо донесе енергија и забава со настапи на македонски и странски изведувачи, промовирајќи различни жанрови и нови музички имиња. Доменико Талеса, Дупер, Трето Колено, Мемфис Мафија, беа само дел од изведувачите кои придонесао за одлична забава за сите генерации.
Фестивалот остана доследен на своите вредности – промоција на алтернативниот туризам, збогатување на туристичката понуда на Крушево и афирмација на културниот диверзитет. Преку соработката со голем број организации, беше ставен акцент и на родовата рамноправност, а учеството на лицата од ранливите категории, маргинализираните групи и лицата во социјален ризик беше целосно бесплатно.
Посетеноста и оваа година ја надмина претходната – сите билети беа распродадени во рекорден рок, а бројот на учесници и гости значително се зголеми. Ова уште еднаш го потврди статусот на When in Krusevo како фестивал што ги опфаќа сите возрасни групи и обединува различни интереси.
Со силна поддршка од партнери, спонзори и локалната заедница, тимот на When in Krusevo и оваа година придонесе за промоција на богатата традиција, култура и природни убавини на Крушево. Дел од активностите што произлегоа од фестивалот имаат трајна вредност за градот, како што се уредувањето на просторот околу езерото, поставување на нови корпи за отпадоци, нови урбани содржини и подобрувањето на пристапната инфраструктура.
When in Krusevo 2025 уште еднаш покажа дека е повеќе од фестивал – тоа е платформа за заедништво, инспирација и развој, а Крушево, како негов дом, останува препознатливо место за љубителите на авантурата, музиката и добрата дружба.