Крупна прашина од веење на житото го загадува воздухот во Битола


БИТОЛА – Аеро загадувањето со крупна прашина што излегува од импровизиран оџак од објект на поранешниот млин „Жито Битола“ во Битола, го загадува воздухот, реагираат битолчани. Крупни честички се расфрлаат низ воздухот што може да се види и на  фотографијата што ни ја испратија граѓани од насобраниот прав на нивните автомобили.

Граѓани од улицата „Македонска фаланга“ во Битола во револт реагираат дека прашината им предизвикува проблеми во дишењето.

„Прашината излегува од импровизиран оџак од млинот, кој нема филтер, најверојатно од третманот – веење на пченицата. Загадувањето  е очигледно и моравме да алармираме, оти не се дише. Бараме постапување и на полицијата и на сите надлежни инспекции, ако не реагираат ќе ги блокираме камионите што носат жито и тоа во ек на жетвата. Оти жетвата допрва следува, ако вака се остави ќе биде многу лошо. Ова е сериозно аерозагадување што влијае на здравјето“, реагираат жители од „Македонска фаланга“. 

Од Општина Битола велат дека ја добиле пријавата до граѓаните и дека ќе излезат на терен.

Поранешниот млин на „Жито Битола“ се продаде пред 5 години на приватни мелничари од градот. (А.Б.)