Кризен штаб на Град Скопје: Градските улици и булевари чисти и проодни


По обилните врнежи од снег и ниските температури во текот на изминатото деноноќие, денеска состанок одржа Кризниот штаб на Град Скопје, со кој раководи градоначалникот Петре Шилегов. На состанокот, информираат од Град Скопје, биле разгледани извештаите на зимската служба.

– Екипите на зимската служба на Град Скопје беа на терен уште од почетокот на вчерашниот ден и во текот на ноќта, при што досега се фрлени над 1000 тони сол на градските булевари и улици. Сите градски улици и булевари во текот на деноноќието беа чисти и проодни и никаде не е забележан застој на сообраќајот. Јавниот превоз се одвива без проблеми и нема одложени градски линии на ЈСП Скопје, а интензивно се расчистуваат снегот и мразот од тротоарите и од јавните површини, информираат од прес-службата на Град Скопје.

На состанокот, како што соопштуваат, било потврдено дека скопјани ќе ја дочекаат работната недела со целосно функционални улици и тротоари.

Кризниот штаб заклучил дека ќе и помогне на Општина Сопиште во расчистувањето на неколкуте општински улици кои што се се уште блокирани.

Од Градот Скопје им препорачуваат на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Потсетуваат дека индустриската сол има ефект до – 7 степени Целзиусови. -Поради ниските температури можно е појавување на голомразица на коловозот и апелираме на голема внимателност во сообраќајот ,велат од Градот.

Потсетуваат дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.

Апелираат до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти.