Кризата удри и врз размената со странство, за четири месеци е намалена за 21 отсто во однос на лани


Во првите четири месеци од годинава Македонија разменила производи и услуги со странство во износ од 4,3 милијарди долари што е за 21 отсто помалку во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Слични се показателите ако размената се пресметува во евра – за четири месеци вредноста е 3,9 милијарди евра што е за 19,8 отсто помалку од истиот период лани. Влијанието на корона кризата се гледа и по податоците за размената во април во однос на истиот месец лани – како што покажува најновиот извештај на ДЗР, објавен денес, размената била помала за 56,2 отсто изразена во долари, или за 54,8 отсто помала ако податоците се изразуваат во евра. Слична е и споредбата со март годинава – размената се намалила за околу 45 отсто само за еден месец.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2020 година, изнесува 41,4 милијарди денари (740 милиони долаари), а покриеноста на увозот со извоз е 70,6 отсто.

Инаку, според ДЗР вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – април 2020 година, изнесува 99,7 милијарди денари (1,7 милијарди долари) и бележи пад од 21,5 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот  јануари – април 2020 година, изнесува 141,2 милијарди денари (2,5 милијарди долари), што е за 16,5 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта  и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – април 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.

Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – април 2020 година, изнесува 1,6 милијарди евра и бележи пад од  21,6 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 2,29 милијарди евра, што е за 16,7 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2020 година, изнесува 673 милиони евра.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – април 2020 година, изнесува 1,7 милијарди долари и бележи пад од 23,8 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 2,5 милијарди долари, што е за 19 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2020 година, изнесува 740 милиони долари.