Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка ќе бидат пратени за мислење до ЕК
Владата ги завршила текстовите на Кривичниот законик и на Законот за кривичната постапка и оти до крајот на месецот тие ќе бидат пратени на мислење во Европската комисија. Ова го соопшти денес премиерот Христијан Мицкоски на прес конференција.
– Тоа е процес што трае многу одамна, мислам дека е од 2019 година. Оваа Влада, конечно, дојде до ситуација да ги затвори овие два закони. Јас вчера имав состанок со министерот за правда, со заменик од Министерството за правда, луѓето од кабинетот, луѓето од СДСМ, но и со луѓето од работната група. В понеделник тие ќе имаат состанок, на кој ќе направат „фино нивелирање“ на сето она што го разговаравме вчера. Од Министерството за европски прашања нѐ информираа дека се преведени. Ќе бидат коригирани оние делови што в понеделник ќе претрпат измени и очекувам до крајот на месецот да ги пратиме до Европската комисија на мислење и потоа да чекаме што ќе кажат од таму – изјави Мицкоки.
Вели дека законите се направени во согласност со препораките и стандардите на Европската Унија, но изрази жалење што владата на СДСМ и ДУИ, како што рече, во обидите да си обезбеди политичка амнестија на крајот од својот мандат под превезот на европското знаме, „направи упад во правосудниот систем и го промени Кривичниот законик, така што бришеше членови“.
– Сега, за жал, рацете се врзани и не може толку едноставно да бидат изведени пред лицето на правдата иако сите ние знаеме дека тие од голтари станаа милионери и тоа претставува уште едно непријатно изненадување за граѓаните – рече Мицкоски.