Кривични пријави од МВР за гинеколозите од Битола


Поради скандалот во одделението за гинекологија во Битолската болница  полиција поднесе кривични пријави за лекарите до обвинителството. СВР Битола денеска поднесе кривична пријава против М. В. (33) од Битола, поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување по чл. 353 од КЗ на РСМ и „Фалсификување службена исправа“ по чл. 361 ст.1 и 2; и против Г.Ч. (60) од Битола поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување по чл. 353 од КЗ на РСМ“. А против А. В (33) од Белград, Србијa, сопруга на првопријавениот, заради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „Надрилекарство“ по чл. 209 и кривично дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ по чл. 206 од КЗ на РСМ.

Во пријавата на полицијата пишува дека М.В. и Г.Ч. како доктори гинеколози во ЈЗУ Клиничка болница – Битола, „пречекорувајќи ги своите посебни овластувања во вршење на должноста и овозможиле на третопријавената на 01.01.2020 без соодветна лиценца за работа издадена од Лекарска комора на РСМ, да даде медицинска помош врз родилка – да изврши оперативна интервенција, породување со царски рез во болницата – во операционата сала на Одделениете за гинекологија и акушерство“..

Полицијата наведува дека „по завршувањето на интервенцијата, првопријавениот во оперативниот дневник внел невистинит податок, односно во графата податоци за оператор, ги внел своите податоци и податоците на второпријавениот, а од стариот оперативен дневник  отстранил страници на кои третопријавената ги запишала извршените оперативни интервенции на 01.01.2021 година“.

Врз основа на она што досега се знае, М.Ч. ја внесол својата сопруга во битолската болница и иако немала никакво овластување таа извршила породување на една родилка со царски рез. За среќа, целиот оперативен зафат поминал без проблеми. Но потоа случајот бил пријавен од лекари во болницата. (А.Б.)