Кривични и за родителите на малолетничките што физички нападнаа девојче во Ѓорче Петров
Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров денеска поднесе шест кривични пријави против родителите на малолетничките што беа вклучени во физичкиот напад врз 13-годишното девојче во Општина Ѓорче Петров, информираат од СВР Скопје.
Полицијата ги товари родителите Е.А., А.М., Е.С., Р.С., Р.Г., С.А., В.И., Ѓ.И., А.Т. и Т.Т. по член 201 став 1 од Кривичниот законик. Оваа пријава се поднесува поради основано сомневање дека родителите ги запуштиле своите деца што резултирало со тоа малолетничките да извршат кривично дело – физички напад врз врсничка.
Вчера, Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против четири малолетнички и тоа против една 17-годишничка и три на возраст од 14 години, а за кои постои сомнение дека извршиле насилство.
Случајот се однесува на насилството извршено врз 13-годишно малолетничка во населбата Ѓорче Петров, каде групата девојчиња физички ја нападнаа својата врсничка, а беа објавени видеозапис и фотографии на социјалните мрежи.
Во врска со случајот, во полиција беа повикани на разговор 14 лица.
Од канцеларијата на Народниот правобранител рекоа дека за овој случај ќе отворат предмет по сопствена иницијатива.